44076-166998-google-app-play-0813
Фото: tested.com

Најновите објавени документи од страна на Едвард Сноуден поточно покажуваат како NSA успевала или се обидувала да добие пристап до мобилните уреди на корисниците. Досега објавените документи покажуваат дека Агенцијата, заедно со своите сојузници, имаат начин како да дојдат до контрола на телефонот на одредена цел и со тоа да добијат пристап до пораките, email комуникацијата, историјата на сурфање, листата на направени повици и слично.

Најновите документи се објавени од страна на The Intercept и CBC News и од нив се дознаваат нови моменти од веќе јавно познатата практика на искористување на модерната технологија од страна на разузнавачките агенции.

NSA работела во соработка со нејзини сојузници од таканаречената група “Five Eyes” која што ги вклучува разузнавачките служби од САД, Канада, Велика Британија, Нов Зеланд и Австралија. Овие земји исто така наводно имаат и договор да не се шпионираат меѓу себе, меѓутоа кој може тоа да го гарантира.

Она што го откриваат најновите документи е проектот наречен IRRITANT HORN кој што претставувал метод кој што треба да овозможи пресретнување на комуникацијата на мобилните уреди со серверите на Google Play Store и Samsung продавницата за апликации. Со ова тие треба да инсталираат дополнителен софтвер на уредот на корисникот без негово знаење со што ќе добијат пристап до одредени ресурси, како на пример горе наведените.

Покрај пристап до одредени информации и ресурси на уредите, тие исто така биле заинтересирани за испраќање на лажна комуникација помеѓу уредите, за одредени антитериристички акции на пример.

Во документите исто така се напоменува дека агенциите имаат откриено сигурносен пропуст во популарниот UC Browser. Пропустот овозможувал пресретнување на информации како телефонскиот број на корисникот, неговиот уреди и слично.

Некои сигурносни компании дури го поставуваат прашањето дали необјавувањето на ваквите сигурносни пропусти заради нивно искористување ги изложува корисниците на ризик за напади од хакери и слични групи.

Како и да е, според информациите овде се работи за обид да се направи вакво нешто пред неколку години, а сигурносните мерки кои што се употребуваат во Google Play Store барем се многу поголеми и шансите за NSA или било кој друг да успее вакво нешто би требало да се доста помали.

Поради фактот што живееме во време кога технологијата е дел од нашите животи, од комуникација, споделување на слики и документи, до сериозни деловни активности, разузнавачките агенции ќе продолжат да се обидуваат да дојдат до овие податоци.

Најчесто причината за тоа е спречување на криминални дејства, меѓутоа многу лесно се доаѓа до прашањето дали тие би ги искористиле нивните можности за борба против политичките противници, опозициски новинари и слични групи.

Извор: Android Central, The Verge, The Intercept, CBC News

Претходна статијаНаскоро протетичките раце ќе пружаат чувство за допир
Следна статијаZotac мини компјутер со можност за RAID поврзување на два дискови!
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.