Фото: Shutterstock.com

Откако Елон Маск сметаше дека Grok има доста големо покачување на популарноста, нешто што не се отсликува точно во App Store од Apple, прво ја обвини компанијата, па и официјално поднесе тужба преку xAI. 

Тужбата, кратко кажано, ги обвинува Apple и OpenAI за монополско однесување поради интеграцијата само на ChatGPT во производите од Apple, како и честото поставување на ChatGPT во промоциите во App Store. 

Од Apple секако ги негираат обвинувањата, истакнуваат дека немаат ексклузивен договор со OpenAI, а изборот на еден партнер не е незаконски. Апликациите од xAI се на врвот од листите на App Store, додаваат од компанијата. 

Во текот на вчерашниот ден, судијата Марк Т. Питман од Окружниот суд на САД за Северниот Округ на Тексас, го одби барањето на Apple и OpenAI за отфрлање на тужбата од страна на xAI. Ова значи дека xAI ќе имаат шанса да го продолжат случајот.

Тој во одлуката истакнува дека ова не треба да се смета како негов суд за издржаноста на тужбата. 

Дека Apple сепак нема план да соработува ексклузивно со OpenAI може да се види и од неофицијалните информации за тоа дека од компанијата ќе му плаќаат на Google 1 милијарда годишно за користење на посебно развиени Gemini јазични модели кои треба да функционираат преку серверите на Apple за функционирањето на новата верзија од Siri.