Како што се очекуваше, Марк Гурман и другите извори, се покажаа точни, па Apple минатата недела навистина го претстави својот прв поевтин MacBook Neo, кој е и првиот кој работи на A18 Pro чипот од iPhone.
Овој лаптоп, доаѓа со доста прифатлива цена кога се во прашање Apple производите, па дури и кај нас ќе се продава по цена од околу 40.000 денари. Перформансите кои ги донесува овој навидум послаб лаптоп, ќе ги помине поголемиот дел од конкурентите во слична ценовна категорија, па ќе видиме колку ќе биде успешен.
Во неговиот најнов неделен билтен, Марк Гурман истакнува за тоа дека Apple дури сега ги имале условите за да претстават еден ваков лаптоп, како што се пониската цена за производството на алуминиумското куќиште, A18 Pro чипот, како и новата верзија од macOS која треба да им се допадне на помладите.
По претставувањето на оваа пониска категорија на MacBook, која се приклучува на iPhone и Apple Watch, наредно што може да се очекува е претставување на уште поскапа категорија од таа која е веќе карактеристична за компанијата.
Гурман оваа категорија ја нарекува „Ultra“, иако не е сигурен дека Apple ќе го користи овој додаток како кај Watch Ultra, на пример.
Во оваа категорија ќе влезат неколку уреди кои сѐ уште се неофицијални, но како и досега, нивното претставување го очекуваме со доста голема сигурност.
Се работи за првиот iPhone на преклоп, кој треба да биде претставен во септември заедно со iPhone 18 Pro серијата, како и за првиот MacBook со екран на допир, екран кој исто така за првпат кај MacBook би бил OLED.
Гурман дополнително во оваа категорија ги става AirPods слушалките кои се очекува дека ќе добијат камери за користење со Siri и „визуелната интелигенција“, област која според него ќе биде наредната област во која Apple посериозно ќе посвети внимание.
Доколку се ова се покаже како точно, Apple значително ја зголемува бројката на производи кои ги нуди, а истите како што можеме да видиме стануваат и поделени во „пониска“, ако може така да се нарече во случајот со оваа компанија, стандардна и висока „ултра“ класа.









































