Фондот за иновации и технолошки развој и УНДП (Програма за развој на Обединетите Нации) објавија јавен повик за дигитализација на општините чија цел се развој на дигитални алатки и решенија за подобри и поквалитетни услуги. УНДП ги обезбедува средствата за повикот – 4 милиони денари, а спроведувањето му е доверено на Фондот и ќе се врши со користење на успешно воспоставените процедури и капацитетите на ФИТР.

“Во рекордно краток рок со нашиот партнер УНДП изготвивме повик кој е конкретен чекор кон дигитализација на општините. Тоа значи полесен пристап и поквалитетни услуги, но уште поважно ќе придонесе кон зголемена транспарантност во работењето и намалување на корупцијата во јавниот сектор. Истовремено ова е навистина одлична можност домашните компании целосно да се вклучат во активности за подобрување на функционирањето на јавниот сектор од крајнат придобивка граѓаните, “ изјави директорот на Фондот, Јован Деспотовски.

Се очекува решенијата да бидат изготвени, но и имплементирани до крајот на годинава, „но она што е најважно тие ќе бидат целосно бесплатно достапни и за останатите останатите општини кои ќе изразат подготвеност и желба“, појасни Деспотовски и додаде дека компаниите кои ќе го изготват ќе имаат можност за продажба на решението надвор од границите на Република Северна Македонија.

Постојаната претставничка на УНДП во Северна Македонија, Нарине Сахакиан се заблагодари за досегашната одличната соработка со Фондот и очекува голем интерс за повикот.

„Со јавниот повик кој го објавуваме денес заедно со Фондот, се надеваме дека ќе ја искористиме иновациската моќ на приватниот сектор за да развиеме дигитални алатки кои не само што ќе им помогнат на општините да продолжат ефикасно да работат во ограничувачките услови на пандемијата, туку исто така ќе ги направат јавните услуги попристапни и отпорни на идни кризи. УНДП веќе ја поддржува дигитализацијата на дејностите на локалните власти на неколку начини. Обезбедивме опрема за пренос во живо за 13 општини со цел граѓаните да можат да ги следат седниците н општинските совети на интернет, развивме онлајн платформа за учење преку кој општинските работници можат да следат обуки и да споделуваат информации со нивните колеги од други општини. Во септември 2019 одржавме хакатон од кој произлегоа три иновативни дигитални решенија за општинското работење. Со овој јавен повик се надеваме дека ќе ги достигнеме и надминеме минатите успеси,“ изјави постојаната претставничка на УНДП во Северна Македонија, Нарине Сахакиан.

Повикот е отворен е за сите домашни компании а решенијата треба да придонесат и кон забрзување на економско опоравување од последиците предизвикани од пандемијата на КОВИД 19 на локално ниво и олеснување на почитувањето на мерките за превенција на ширење на вирусот.

Апликантите треба да развијат Е-платформа која ќе ги интегрира решенија за  Воспоставување на електронски систем за наплата на давачките кон општината, Воспоставување на систем за електронско плаќање на сметки кон јавните претпријатија, Електронски систем на волонтери и Онлајн платформа за општински форум.

Се очекува избраното решение да биде искористено од страна на различни категории на граѓани од различни возрасни структури, без ограничување, со јасни и разбирливи инструкции за користење.

Преку ФИТР се обезбедува финансирање до 100% од вкупниот буџет за проектот, во максимален износ од 75.000 американски долари во денарска потиввредност со вклучени трошоци за надзор во износ од 10% од вкупниот оперативен буџет на проектот. Е-Платформата треба да биде изработена за максумум 30 дена, а еден апликант треба да даде понуда за сите четири решенија кои треба да бидат спроведени во сите пет пилот општини.

Степенот на технолошкиот напредок и степен на дигитализација, квалитет на проектот, капацитет на проектниот тим и влијание се главните критериуми според кои ќе се оценуваат предлог проектите.

Избраните дигитални алатки во оваа прва фаза ќе се имплементираат во 5 пилот општини: Центар Жупа, Боговиње, Свети Николе, Прилеп и Куманово кои се селектирани преку Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) насочена кон поддршка на државата за справување со ефектите од КОВИД-19, како и спроведување на брза и сеопфатна социо-економска анализа за ефектите од пандемијата и утврдување на можности за побрзо опоравување на локално ниво.

Повикот е отворен од денес (02.11.2020) до 15.11.2020 година, до 14:00 часот.

Повеќе информации на www.fitr.mk

Претходна статијаМакпетрол АД го доби својот 200 илјадити член во семејството ВЕРНА
Следна статијаМакедонија по 6-ти пат ја прославува Светската недела на вселената