Најверојатно последната казна за xAI, односно за X мрежата, беше „последната капка“ за администрацијата на Доналд Трамп, па Министерството за надворешни работи на САД донесе одлука за забрана за влез на пет личности од Европа во земјата.
Личностите кои ја имаат добиено забраната ги вклучува Тери Бретон, поранешен комесар во ЕУ, Имран Ахмед, Џосефин Балон, Ана-Лена фон Ходенберг и Клер Мелфорд.
Сите овие личности имаат некаква врска со законите кои ги донесува ЕУ, како и со нивната примена.
Со објава на X се обрати и министерот Марко Рубио, кој истакна:
„Предолго време, идеолозите во Европа водеа организирани напори да ги принудат американските платформи да ги казнуваат американските ставови на кои се спротивставуваат. Администрацијата на Трамп повеќе нема да ги толерира овие скандалозни акти на екстратериторијална цензура.“
Дефинитивно може да се заклучи дека мешањето во работата на компаниите и влијанието кон тоа како луѓето размислуваат и се однесуваат е нешто што е поистакнато во ЕУ. Ова беше случајот и во САД за време на администрацијата од демократите, но сега се намалува со Трамп, иако новата администрација си носи нови проблеми.
X мрежата не ретко е цел на казни од страна на ЕУ, а мрежата цело време е обвинувана за ширење на лажни вести, нешто што не беше случајот додека истата беше наречена Twitter и како што се дозна, правела доста голема цензура на различни теми.
Реакции на одлуката на САД секако има од страна на ЕУ, а интересно е што тие доаѓаат со обвинување за нарушување на слободата на говор и истакнување како ЕУ се залага за заштита на луѓето.









































