Најавувајќи го почетокот на производство на чипови во нивната 14nm LPP технологија, Samsung вклучи и уште една интересна вест. Тие ќе станат главниот производител на чиповите од својот конкурент Qualcomm.
Според одредени информации договорот којшто го имаат склучено двете компании е со вредност од околу 1 милијарда долари. За Samsung ова се добредојдени дополнителни приходи во период кога продажбата на нивните мобилни телефони знае да опадне на сметка на другите производители.
Процесорот којшто ќе се произведува во Samsung е најновиот Snapdragon 820, процесор којшто треба да го врати Qualcomm на позицијата пред проблемите со 810-ката.
Компанијата којашто сигурно е загрижена од ваквата одлука на Qualcomm е TSMC, односно Taiwan Semiconductor Manufacturing Co Ltd која досега го имаше главниот договор за производството на чиповите. Qualcomm досега беше нивниот најголем клиент, па сега и не се знае што ќе се случува со оваа компанија којашто останува без нивната најголема зделка и извор на приходи.
Интересно е што овој договор е потпишан помеѓу две конкурентни компании, односно Exynos чиповите од Samsung почесто почнаа да се користат кај нивните мобилни за разликата од порано. Ова посебно дојде до израз минатата година кога почнаа да излегуваат информации за можните проблеми на Snapdragon 810.
Склучувањето на овој договор, иако помеѓу двајца конкуренти, изгледа дека сепак може да се покаже од помош за нив. Samsung добива нов бизнис и огромен приход на средства, додека Qualcomm сигурно со ова се осигурува дека нивните чипови ќе бидат користени од страна на Samsung во нивните нови модели.
Извор: Reuters, TechnoBuffalo, The Verge, Samsung