Sony, како и уште неколку други производители во слична ситуација, „на времето“ беше еден од најпознатите производители на мобилни телефони. Денес тие се’ уште важат за силен бренд во мобилната индустрија, меѓутоа продажбите им се далеку од задоволителни.

Во денешно време едноставно е многу тешко да се конкурира на Samsung и Apple, заедно со одличните кинески производители, па останатите некако се обидуваат да останат релевантни.

Sony веќе одреден период нема претставено смартфон којшто сериозно го привлекува вниманието на корисниците, а истото важи и за нивните последни модели Xperia XZ2 и XZ2 Compact, кои се чинеше дека сепак ќе успеат да направат поголем успех.

Според познатиот „протекувач“ на информации Еван Блас, Sony планира повлекување на својот мобилен бизнис од неколку големи пазари во светот. Се работи за пазарите на Средниот Исток, Турција и Африка.

Доколку ова се покаже како точно, а според информациите Sony ова наводно ќе го најави ова лето, тогаш е доказ дека на компанијата воопшто не им оди добро во мобилниот сектор.

Би било добро компанијата да направи одредени промени во нивниот мобилен сектор, па да се обидат да се вратат на пазарот со подобро направени и иновативни модели, меѓутоа сега за сега нема знаци дека такво нешто би можело да се случи.