Springpad е сервис за зачувување на белешки, веб страни и слично, кој што се користи и преку соодветни апликации достапни на мобилните телефони и таблет компјутери. Преку синхронизација со серверите, овој сервис овозможува користење на белешките на повеќе уреди. Springpad е директна конкуренција на најпознатиот Evernote, како и на OneNote од Microsoft.
Меѓутоа и покрај популарноста на овој сервис, кој што до пред некој година беше предмет на споредби со Evernote при одлучувањето на корисниците кој да го користат, тој сепак не успеа да ја достигне огромната бројка на корисници која што ја има Evernote. Поради тоа од компанијата решија да престанат со работа и овој сервис да го исклучат заклучно со 25 Јуни оваа година. Од оваа дата, springpad.com веб страната нема веќе да функционира, како и можноста за синхронизирање на белешките преку мобилните апликации. Како што известуваат од компанијата преку нивниот блог, на корисниците до таа дата ќе им биде овозможена алатка за зачувување на податоците и пренесување на некој од другите сервис. Алатката треба да биде достапна како за корисниците, така и за програмерите во наредните денови.
Дали сте корисник на Springpad и на кој сервис ќе се префрлите после исклучувањето ?