Извршниот директор на Apple, Тим Кук, се најде пред своите вработени во обид да ја смири кризата која наводно се разгорува внатре во компанијата. Причината е директна, стотици вработени во Apple имаат визи и сега се плашат од депортација.
На состанокот, Кук морал да слуша директни прашања од вработени кои се прашуваат дали е безбедно да излезат од дома. Ситуацијата е толку сериозна што некои од нив се прашуваат дали ќе бидат одвоени од своите деца. Кук одговорил со ветување дека лично ќе се залага за нив во Вашингтон.
Овој настан не доаѓа случајно. Неколку дена порано, Кук бил на премиера на филмот „Меланија“ во Белата Куќа во моментот кога се случило пукањето во Минеаполис. Неговата внатрешна порака до вработените по инцидентот била толку воздржана што предизвикала бран на критики. Дел од вработените во Apple отворено го критикувале за тоа што доцна реагирал и што не зазел појасен став.
Денес Кук зборувал поинаку. Тој им рекол на вработените дека компанијата има стотици луѓе кои работат преку DACA програмата и дека Apple не би била истата компанија без талентите од целиот свет. Но прашањето што сега се поставува е дали овие зборови се доволни.
Bloomberg известува дека атмосферата во компанијата е напната. Вработените очекуваат конкретни чекори, не само изјави. Кук ветил лобирање во Конгресот, но критичарите веќе се прашуваат зошто таквата реакција доаѓа дури сега, кога кризата веќе е тука.
Ситуацијата ја става Apple во незгодна позиција. Од една страна, компанијата зависи од интернационалниот талент за својата иновативност. Од друга страна, нејзиниот извршен директор се обидува да одржи добри односи со администрацијата во Вашингтон.










































