Јапонскиот автопроизводител Toyota ги откри своите планови кои се однесуваат на електрификацијата на нивните возила. Ваквиот чекор доаѓа сосема логички откако конкурентите од оваа индустриска гранка се повеќе се ориентираат кон алтернатива на фосилните горива.
Toyota претходно го сврте фокусот кон т.н. хибриди и водородни горива. Не смее да се изостави и нивниот хибриден модел Prius кој беше пионер во својата класа. Меѓутоа идните планови на јапонскиот гигант се да се сконцентрира на класичните електрични мотори. Според планот, заклучно со 2020-та година, Toyota ќе понуди 10 модели со мотор напојуван со помош на батерија. Понатаму, до 2025-та се очекува тие да понудат хибрид или комплетно електрифицирана верзија од секој модел кој го произведуваат. За новите модели, Toyota ќе соработува со Panasonic, кој ќе биде задолжен за развој на веќе постоечките литиум-јонски батерии, како и развој на нови.
Од компанијата велат дека таргетот за продажба на новите електрични модели, во прво време ќе биде Кина, Индија и Јапонија, за подоцна пазарот да се прошири во Европа и САД. Очекувањата од продажбата се повеќе од оптимистични, а проекциите велат дека до 2030-та година Toyota ќе продаде 5,5 милиони електрични или хибрид возила.
Извор: TechCrunch