Фото: Women in Tech

По повод Меѓународниот ден на жената, Women in Tech Macedonia ве поканува да номинирате жена која е инспирација за вас или да ја споделите својата приказна  со фокус на умовите и гласовите што ја обликуваат македонската технолошка сцена трпеливо, упорно, храбро, посветено и со визија.

Зад секој проект, продукт, тим или иновација стои жена со своја приказна. Некои од нив градат кариери чекор по чекор, некои водат тимови и компании, некои допрва ги прават своите први професионални избори, а некои храбро одлучиле да започнат одново и да влезат во технологијата од сосема друга насока.

Токму тие приказни за раст, лидерство, учење, предизвици и нови почетоци се во фокусот на оваа иницијатива. Преку краток прашалник на овој линк, Women in Tech Macedonia ве поканува да се пријавите или да номинирате жени од различни генерации и професионални патеки. Целта не е само да се раскаже успехот, туку и процесот, сомнежите, пресвртувањата, одлуките што барале храброст и моментите што направиле разлика.

Во време кога видливоста значи можност, секоја споделена приказна има потенцијал да стане поттик за некоја девојка што размислува дали има место за неа во технологијата, или за некоја жена што се прашува дали е сега време за нов почеток во кариерата.

Кампањата е отворена за сите што сакаат да ја споделат својата приказна. Истовремено, Women in Tech Macedonia ги охрабрува членовите на заедницата да номинираат жена која ги инспирира како менторка, колешка, лидерка, пријателка. Понекогаш токму другите ја препознаваат силата во нас пред ние самите да ја видиме.

Со оваа иницијатива, организацијата продолжува да ја гради својата мисија: да создаде простор каде жените во технологијата се слушнати, видливи и поврзани. 

Следете не на Facebook, Instagram & LinkedIn со повеќе новости и споделени приказни.