acer_swift-7_front_3qtr_view-100680077-large

Паметните телефони одамна станаа исклучително тенки – дури многу од корисниците бараат „здебелување“ со цел зголемување на капацитетот на батеријата. На целата таа диета на која се ставени преносните уреди се придружуваат и лаптопите и „2 во 1“ уредите – Acer на IFA во Берлин штотуку претстави лаптоп кој е потенок од 1 сантиметар, нешто што пред неколку години не успеваа да го достигнат ниту паметните телефони и таблетите.

Уште поимпресивно за овој Swift 7 е што во него е вграден Core i5 процесор од најновата Kaby Lake генерација, наместо Core m серијата, која не се покажа како особено успешна. Моќниот процесор е помогнат од 8 GB рам меморија и 256 GB SSD диск. Дисплејот има стандардна големина од 13,3 инчи и резолуција од 1920х1080 пиксели, што не е импресивно, но веројатно доволно за поголемиот број на корисници и потребно за добро траење на батеријата.

acer_swift-7_side_view-100680076-large

Според Acer, овој лаптоп може да издржи до 9 часа со едно полнење, што е многу солидно со оглед на тенкото куќиште. Уште еден податок кој ќе ги усреќи оние кои сакаат преносливост – лаптопот тежи само 1,1 килограм, што заедно со дебелината од 9,98 милиметри, го прави еден од најдобрите уреди за да го носите со себе наоколу. За разлика од некои од конкурентите, Swift 7 има две USB 3.1 порти и 3,5 mm аудио излез. Почетната цена е 999 долари.

Она што за многумина ќе недостасува кај овој лаптоп (вклучувајќи ме и мене) е дисплеј на допир. За тие корисници, Acer спреми „2 во 1“ уред наречен Spin 7, кој е само малку подебел од Swift 7 со куќиште од 1,09 сантиметри, но има поголем 14 инчен Full HD дисплеј на допир и можност за целосно свртување на дисплејот со цел уредот да се користи како таблет, заедно со можностите да се користи како „шатор“ или пак со тастатурата назад за гледање филмови.

spin-7_02

Интересно, Spin 7 е и малку помоќен уред – има Core i7 процесор со 8 GB рам и 256 GB SSD диск. Сепак, батеријата тука трае до 8 часа, што е респектабилно, но веројатно тешко изводливо во реалниот свет. И овој модел има две USB 3.1 порти и излез за аудио, а ќе чини 1.199 долари.

Capture

Импресивното кај овие два модели на Acer, како и кај скоро секој нов лаптоп со Kaby Lake што ќе биде претставен е што ќе бидат опремени со целосен Windows 10 оперативен систем. Додека порано само таблетите со iOS и Android беа навистина тенки и преносливи, отсега купувањето на Windows компјутер нема да значи дека ќе треба со себе да носите голем и тежок лаптоп, кој поради тоа најчесто ќе ви седи дома. Можете ли да замислите што ќе донесат наредните неколку години во оваа сфера?

Извор: Mashable, The Verge, PC World

Претходна статијаGorilla Glass SR+ е ново стакло на Corning, специјално дизајнирано за паметните часовници
Следна статијаНовите Intel Kaby Lake чипови нема да поддржуваат Windows 7 и 8.1