За време на своето претставување на CES 2014, ASUS најави нов 27-инчен WQHD монитор од својата популарна ROG (Republic of Gamers) линија на производи.
Мониторот кој ќе ја носи ознаката PG278Q доаѓа со TN (twisted nematic) панел со резолуција од 2560 x 1440 пиксели, стапка на освежување од 120Hz и време на одѕив од само 1 мили-секунда. PG278Q, исто така ќе биде првиот WQHD монитор кој ќе ја вклучува новата G-SYNC технологија на Nvidia.
Иако на прв поглед одлуката на ASUS да користи TN наместо IPS панел кај премиум монитор за некои може да делува нелогично, сосема е оправдана ако се земе во предвид дека моменталната IPS технологија не ги исполнува критериумите потребни за монитор кој ќе биде пред се наменет за компетитивни гејмери. Единствена алтернатива во случајов би била IGZO технологијата, меѓутоа цената на истата значително би ги зголемила производните трошоци, а со тоа и цената на мониторот. Сепак, иако се работи за TN панел, според ASUS моделот кој е вграден во PG278Q од аспект на репродукција на бои ќе биде споредлив со e-IPS дисплеите.
PG278Q доаѓа со DisplayPort 1.2 конектор за нативна WQHD поддршка, две USB 3.0 порти, компатибилност со VESA стандардот за прикачување на ѕид и голем број опции за подесување и ротирање на дисплејот.
Од аспект на дизајн, ASUS се одлучиле да одат со ултра тенка рамка од само 6 милиметри, што го прави PG278Q идеален за „multi-monitor“ конфигурации.
Мониторот ќе биде достапен во втората четвртина од годинава по цена од 799 долари.