Можеби не се работи за некоја нова технологија која што ќе направи револуција, меѓутоа сметам дека ова е уште еден пример за тоа како достапноста на технологијата предизвикува да истата биде вградувана во се повеќе ситуации и места. Со тоа таа ги заменува традиционалните елементи од нешто што одамна функционира и додава предности кои што без нејзиното користење на биле можни.
Поставување на камера на задниот дел од автомобилот и пренесување на сликата е нешто што веќе можеме да го видиме во некои модели. Најчесто се користи како помош при паркирање, па наместо користењето на сензори, возачот може точно да види што има зад неговиот автомобил.
Cadillac најави дека во своите модели почнувајќи од 2016 година ќе почне да вградува систем кој што ќе ги замени стандардните ретровизори во еден од нивните модели, односно тој ќе биде стандарден избор во CT6 моделот.
Системот е составен од HDR камера поставена на задниот дел од автомобилот, која што ќе биде направена со широко поле на слика, како и заштита од вода и слични работи кои што може да се најдат на истата.
Сликата од камерата ќе биде пренесувана на ретровизорот кој што ќе вклучува TFT-LCD екран со резолуција од 1280 x 240 пиксели, како и нивна густина од 171 ppi. Сликата која што ќе се прикажува треба да овозможи до 300% повеќе прегледност за возачот од стандардните ретровизори, а од Cadillac нагласуваат дека за овој систем користат 10 патентирани технологии од кои повеќето се однесуваат на процесирањето на сликата.
Ваквиот начин на користење на ретровизорот овозможува прегледност на задниот дел од автомобилот без притоа да сметаат работите во внатрешниот дел, како што се потпирачите за глава, самата конструкција на автомобилот, како и луѓето кои што седат на задното седиште.
Исто така, поради тоа што сликата ја пренесува камера, која што вклучува широко аголна слика, возачот ќе биде во можност да види многу повеќе отколку што тоа може да го направи со класичните ретровизори. Доколку некогаш се погоди ситуација кога камерата нема да може да се користи, од која и да е причина, ретровизорот овозможува негово претворање во класичен со притискање на копче.