Гигантот во сферата на микро чипови конечно го призна поразот во мобилниот сектор – тие штотуку најавија дека развојот и производството на Atom чиповите за паметните телефони од новите Broxton и SoFIA генерации ќе бидат откажани.
Причината за ова е многу едноставна – Qualcomm, MediaTek, Samsung и Apple, кои имаат процесори базирани на ARM платформата, што го прави развојот на нови дизајни многу побрз, за разлика од x86 платформата на Intel, која не е прифатена од другите производители на чипови за паметните телефони, освен неуспешните обиди за соработка со помалите производители Rockchip и Spreadtrum.
Broxton генерацијата инаку требаше да донесе освежување на Atom x3 линијата, која се состои од процесори со вграден 4G модем, идеални за употреба во евтините смартфони. Од друга страна, нема најава дека ќе се откажат Atom x5 и Atom x7 чиповите од Cherry Trail генерацијата и идната Willow Trail генерација, а моја претпоставка е дека тоа нема да се случи, бидејќи тие се наменети за таблетите, односно таблет/лаптопите, кои со Windows 10 буквално доживуваат ренесанса и заземаат се поголем колач од пазарот, на сметка на ARM чиповите. Да потсетиме и Surface 3 на Microsoft се базира на токму таков чип.
Intel сепак не се откажува целосно од мобилниот свет. На последната конференција тие покажаа дека се едни од пионерите во 5G поврзувањето, иако сѐ уште не е договорено кои спецификации ќе ги има овој стандард. Исто така, има најави дека Intel веројатно работи на Core M чипови за паметните телефони – истите оние што се вградуваат во моќни лаптопи како MacBook на пример. Ваков чип би можел да се вградува и во новиот Surface Phone, уредот кој треба да биде мост меѓу паметните телефони, таблетите и персоналните компјутери.
Intel инаку веќе отпушти 12.000 работници како подготовка за новата стратегија во наредниве неколку години, според која тие дефинитивно ќе се насочат кон чипови за 2 во 1 уредите со Windows 10, како и серверските “Cloud” машини.
Извор: Android Police, AnandTech, TechTimes