Најголемиот производител на чипови за лаптоп и десктоп компјутерите, работи под полна пареа на развој на LTE чип за новиот iPhone. И веднаш да појасниме – не се работи за целосен процесор, туку само за модемот кој е задолжен за LTE, односно 4G сигналот.
Во моментов, чипот за LTE во iPhone е производство на Qualcomm, најголемиот конкурент на Intel. Ова значи дека Intel не само што ќе навлезе подлабоко кај преносните уреди, каде веќе подолго време се обидува да има позначителен удел, туку тоа ќе го направи на сметка на Qualcomm, што потоа може да му отвори можност за навлегување и во други сегменти во мобилната телефонија.
Чипот кој го спрема Intel е можно да биде изработен на целосно новиот процес на производство со транзистори од 14 nm. Ваквиот процес веќе подолго време е присутен кај многу модерни процесори, но неговото имплементирање кај модемите се уште не е почнато и според некои извори, претставува малку поголем проблем отколку кај другите чипови, а исто така не донесува големи подобрувања во намалување на потрошувачката на енергија. Сепак, доколку Intel сака Apple да ги избере нив пред Qualcomm, понудата на најновата можна технологија секако дека ќе помогне.
Во иднина, Apple работи и на чип од “А” серијата кој ќе има вграден LTE модем, што е дополнителна шанса за Intel и нивната понуда на LTE компоненти.
Извор: IT Pro, Extreme Tech