Дали информациите за тоа дека приватност на интернет скоро и да не постои се навистина до тој степен точни и треба да се загрижиме ќе покаже времето. Како и да е тоа не го спречува трендот на појавување на се повеќе софтверски и хардверски решенија кои што тврдат дека можат да ни овозможат приватност во нашата комуникација од потенцијалните хакери, а можеби и поважно од властите и нивните агенции.
JackPair е производ различен од тие кои што во последно време можеме да ги видиме и кои обично доаѓаат во форма на апликација за мобилните телефони. JackPair е уред кој што го поврзувате со вашиот телефон преку излезот за слушалки (3,5mm) и со вашите слушалки. Поточно го поставувате помеѓу телефонот и слушалките, по што прави енкрипција на вашиот глас пред да биде пренесен преку мрежата. Енкрипцијата не подразбира измена на гласот, туку целосна дигитална енркипција која што звучи како старите dial-up модеми, односно така комуницираат двата JackPair уреди на двете страна од разговорот. Се разбира потребни се два такви уреди, односно еден за вас и еден за страната со која што разговарате за да може да остварите енкриптирана конекција. За енкрипција уредот користи One-Time-Secret -Key (OTSK) кој што се креира при секој повик и потоа е уништен кај двата уреди. За да бидете сигурни дека двата уреди комуницираат во директна енкриптирана врска, на екранот од JackPair се појавува код кој што доколку е ист на двата уреди, значи дека никој не го пресретнува повикот. Уредот може да се користи со сите видови на телефонски уреди, односно не мора да се користи само преку мобилните телефони.
Повиците кои што ги правите преку JackPair повторно поминуваат преку мрежата на операторот, тоа мора да биде така и тие имаат можност да го снимаат разговорот. Разликата е што поради енкрипцијата тие нема да можат да разберат ништо од разговорот кој што е воден, односно снимката нема да им користи.
JackPair моментално е претставен на Kickstarter каде што има собрано скоро 10.000 долари од потребните 35.000 на 34 дена до истекот на рокот. Може да се нарача по цена од 90 долари, па нагоре, зависно од количината и времето на нарачка.
Извор: TechCrunch, Kickstarter