Продажбата на десктоп компјутерите опаѓа секоја година и производителите се помалку вложуваат во нивно производство, но базата на корисници е многу тврдокорна (читај гејмери) и секогаш подготвена за надградба на системот, односно за трошење дополнителни пари. За оние кои сакаат највисока модуларност, односно можност за идни надградби, тука е првото LEGO куќиште, кое може да прими моќни графички картички во внатрешноста и најдобро од се, можете да го направите сами!
Дизајнот на куќиштето е на Мајк Шроп, кој подолго време размислувал за оваа идеја и сега, кога конечно ја остварил, им овозможува и на другите ентузијасти да го употребат неговиот нацрт дизајн и да си направат своја. Нормално, ќе ви требаат „само“ 40.000 LEGO коцки и сите делови за компјутерот, вклучувајќи и добро ладење. И секако трпение.
Како што вели создателот на овој геџет, идејата е компјутерот да има посебен „LEGO твист“, но да биде и со димензии и можности кои ќе задоволат поширок круг на корисници на компјутерите. Димензиите му спаѓаат во мини класата, што го прави одличен за поставување на маса, но тоа не значи дека во внатрешноста не можат да се сместат моќни компоненти, како на пример процесорите од “i” серијата на Intel, односно до 16 GB рам меморија и згора на тоа добра графичка карта.
Од она што може да се види на фотографиите, поставеноста на матичната плоча е хоризонтална, што овозможува ставање поголеми компоненти, во помал простор. Ладењето е вертикално, одозгора надолу, со еден голем кулер, слично како во професионалниот компјутер на Apple, Mac Pro. Ваквиот дизајн е веројатно неизбежен, бидејќи куќиштето е изработено од пластика, а како што знаеме, пластиката не поднесува многу високи температури…
Но, најубавото кај ваквата изведба е што е целосно модуларна и секој корисник може да ја прилагоди според своите потреби. Ви треба повеќе висина за поставување нова графичка, или пак поголемо ладење? Само додадете коцки нагоре. Можностите се реално неограничени!
Извор: Ubergizmo