Logitech, можеби најпознатата компанија за производство на мауси, тастатури и други периферни уреди, оваа недела го претстави G402 Hyperion Fury како најбрзиот гејминг маус во светот наменет за играчите на first-person shooter (FPS) игрите. Она што е најважно кај играчите на овој жанр на игри е прецизноста на мусот, но во исто време потребата од брза реакција, нешто што не секогаш оди едно со друго.
G402 доаѓа со 32-битен ARM процесор кој што треба да ја овозможи брзата и прецизна работа на вградените сензори. Fusion engine, како што е наречен системот од повеќе сензори, вклучува оптички сензор, меѓутоа и акцелерометар и жироскоп. Во комбинација на сензорите и процесорот, овој маус може да овозможи прецизно следење на брзи движења со повеќе од 500 инчи во секунда, што треба да овозможи слободно играње соодветно на брзината на играчот. Покрај тоа, G402 овозможува комуникација преку USB конекција со време на 1 милисекунда, односно 1000Hz што треба да овозможи играње без никакви, односно забележливи каснења на движењата.
Уште една навистина интересна функција која што ја вклучува овој маус е можноста за менување на DPI осетливоста преку вградените копчиња од 240 до 4000 DPI за време на играњето. Ова овозможува намалување DPI вредноста за време на нишанење во играта, а инстантно зголемување кога ќе почнете брзо да се движите.
G402 доаѓа со 8 копчиња кои што можете да ги програмирате според вашите потреби, а прилагодувањата се зачувуваат на самиот маус. Исто така прилагодувањата може да се прават и преку достапното софтверско решение, како и кај другите вакви производи.
Logitech G402 Hyperion Fury треба да започне да е продава во САД и Европа од овој месец по цена од 60 долари.
Извор: PCWorld, Logitech, Logitech News