Force Touch системот во тачпадите на лаптопите и дисплеите на смартфоните на Apple овозможува чувство дека притискате на вистинско копче и препознавање на неколку зони на притисок. Но, дали ова решение ќе биде добро и доколку се вгради како замена за хардверска тастатура? Apple веројатно мисли дека да.
Тие веќе имаат поднесено патент за ваква тастатура, која би требала да се вградува во некој иден MacBook лаптоп. Секако, ова не значи дека Apple сигурно ќе претстави таков уред, но според мене многу е веројатно, бидејќи на овој начин ќе покажат дека сеуште знаат да иновираат, а ова ќе ги направи нивните лаптопи уште потенки, што е еден од нивните главни адути.
Самата тастатура на допир ќе биде целосно изработена од стакло – исто како тачпадот подолу. Сепак, копчињата ќе бидат јасно обележани, односно низ нив ќе поминува светлина како би биле јасно видливи. Force Touch системот пак ќе се погрижи корисникот да може да почувствува кога ќе го притисне копчето. Сепак, не очекувајте дека оваа површина ќе може да прикаже информации како вистински дисплеј – тоа премногу би ја трошело батеријата.
Предностите на ваквата изведба на тастатурата се што таа ќе биде лесно прилагодлива зависно од тоа што прави на неа корисникот. На пример, кој не би сакал поголеми WASD копчиња кога игра игри? Или пак можност за гестови со повеќе прсти, како на пример зумирање со два прсти на самата тастатура?
Сепак, од друга страна, вљубениците во хардверските тастатури ретко и погледнуваат во неа кога куцаат, нешто што на оваа тастатура нема да биде возможно, бидејќи површината ќе биде целосно рамна. Во превод, пишување со гледање во мониторот тука нема да биде возможно. Добро, ајде, скоро невозможно, но сигурно непријатно.
Како и да е, Force Touch тастатурата сигурно ќе предизвика многу воздишки кога ќе ја погледнете или пак кога ќе ја погледне некој до Вас кога ќе сурфате на MacBook лаптопот во омиленото кафуле. И Apple секако дека сака да биде производител кој ќе предизвикува воздишки кај луѓето…
Извор: TechnoBuffalo, Gizmodo, Mashable