Втората генерација од Raspberry Pi, односно Raspberry Pi 2 беше претставена минатата недела. Оваа верзија од овој микро компјутер стана уште попопуларна поради вклучување на подобри компоненти кои што треба значително да ги подобрат неговите перформанси.
Неколку корисници на Raspberry Pi 2, среќни што го поседуваат уредот, решиле да го сликаат, со што откриле навистина интересен, еден вид на баг, со кој што доаѓа оваа верзија. Она што тие го забележале кога го сликаат уредот е дека тој се исклучува. Дека се работи за вистинска работа потврдува известувањето од Raspberry Pi Foundation во кое што се објаснува проблемот.
Она што е најважно за корисниците е дека овој проблем не предизвикува штета на уредот, односно предизвикува само негово исклучување, по што уредот може повторно да се вклучи и користи.
Исклучувањето на уредот настанува поради намалување на напонот на процесорот од страна на уредот кој што е задолжен за регулирање на неговиот главен напон. Тоа се случува поради еден вид на „збунување“ на уредот кога е изложен на светлина со висок интензитет и широка бранова должина, како што е светлината од ласерите или ксенон флешовите кои што се наоѓаат на повеќето нови паметни телефони.
До намалување на напонот од страна на овој уред доаѓа поради таканаречениот фотоелектричен ефект. Поточно, светлината која што доаѓа до полупроводникот на уредот, односно фотоните, врши нарушување на слободните електрони кои што се дел од нив.
Извор: Raspberry Pi, The Verge