Бројот на пушачи е голем, посебно во нашата земја. Голем број од нив сметаат дека можат да престанат кога сакаат, но и дека бројот на цигари што ги трошат во текот на денот не е голем. Има и такви кои што сакаат да престанат, но не го нашле правиот начин или помош. Можеби има и пушачи кои што не сакаат да престанат, но би сакале да го намалат бројот на цигари што ги трошат во текот на денот, а со тоа и на подолг период.
Quitbit е паметна запалка, моментално во фаза на прибирање на средства преку Kickstarter, која што треба да ви помогне да ги намалите или целосно да ги откажете цигарите. За разлика од некои други решенија кои што знаат да бидат комплицирани или екстремни и бараат од вас наеднаш да престанете да пушите, оваа запалка остава на вашата свест, ги следи вашите дневни навики и со тоа се надева дека ќе ви го олесни овој процес.
Запалката на прв поглед потсетува на популарните Zippo запалки. Меѓутоа кога подобро ќе ја разгледате, ќе видите дека таа е многу повеќе и го заслужува името паметна. Цигарите ги пали преку дел кој што се загрева, слично како запалките во автомобилите. Од едната страна на запалката поставен е екран на кој што можете да следите неколку информации поврзани со пушењето. Па така, Quitbit ви прикажува колку цигари имате запалено и колку време има поминато од вашата последна цигара. Можете да поставите и дневен лимит на цигари, па кога ќе го постигнете, запалката се исклучува и не можете да запалите цигара, се разбира под претпоставка дека сте решени да останете на вашиот план и да не запалите цигара со друга обична запалка.
За прилагодување на функциите, Quitbit преку Bluetooth се поврзува со паметните телефони и со специјално направената апликација. Покрај прилагодување на запалката, апликацијата учествува во голем дел во процесот на намалување или откажување на цигарите. На неа се зачувуваат сите статистики поврзани со вашите пушачки навики, па можете да ги следите во подолг период и да знаете колку пушите и дали имате намалено. Податоците можете да ги споделите со заедницата на корисници.
Quitbit има собрано нешто помалку од 10.000 долари, во моментот на пишување на оваа статија, од потребните 50.000. Сепак до крајот на процесот остануваат скоро месец дена, па сигурно средствата ќе биде собрани. Цената на запалката е околу 80 долари, зависно од периодот кога би ја купиле.