Супер евтините мини компјутери секако дека нема да можат да го заменат Вашиот десктоп или лаптоп компјутер, па ниту смартфонот, но се одлични за учење за програмирање во школите, пред се поради нивната ниска цена. Pine 64 е првиот ваков компјутер со 64-битен процесор, кој е плод на “Kickstarter” кампања која собра преку 1 милион долари и кој отвора можности за развој на 64-битен софтвер.
Перформансите секако не му се силна страна – основниот модел има 64 битен процесор со ARM Cortex-A53 архитектура, кои работат на 1,2 Ghz, помогнат од Mali 400 MP2 графика и 512 MB рам меморија. Овој процесор е веројатно доволно моќен за Android оперативниот систем, со кој и ќе се понуди, а ќе може да функционира и со Linux Ubuntu, Open Wrt, XBMC и openHAB IoT платформа. Според креаторите, овој процесор е доволен за репродукција на 4K слика при 30 Hz и Full HD слика при 60 Hz освежување.
Помоќните модели, кои чинат 19, односно 29 долари, имаат 1 GB, односно 2 GB рам и можност за жична LAN Ethernet конекција од 1 Gbps. Уредот инаку има слот за micro SD картичка, на која треба да е инсталиран оперативниот систем, додека со надворешен дисплеј се поврзува преку HDMI порта. На плочата има и две USB порти и излез за слушалки, што значи дека во овој дел, малиот Pine 64 има скоро исти можности како повеќето лаптопи.
Сите овие можности прават супер ниската цена да не е интересна само за школите, туку и за секојдневниот корисник – замислете го како паметен уред кој можете да го поврзете на Вашиот телевизор или монитор. Всушност, моделот со 2 GB рам меморија би можел да биде и одличен за сурфање на интернет на поголем екран од тој што го имате на вашиот телефон… И сето тоа за само 15 долари, односно под 1000 денари и потрошувачка на енергија од само 2,5-3,5 вати, што значи дека нема ни да го почувствувате во сметките за струја.
Pine 64 сигурно влегува во производство – собра неколку пати повеќе средства од планираните на “Kickstarter” кампањата. Во иднина е планирана и Windows 10 верзија, веројатно кога оперативниот систем на Microsoft ќе може да работи со ARM процесорите, како што беше ветено.
Извор: TechCrunch, Tree Hugger, Kickstarter, Bug.hr, Pine 64