smart-mio

Електричната мускулна стимулација (ЕМС), исто така позната како нервна електрична стимулација (НЕС), претставува метода за предизвиување на мускулна контракција со користење на електрични импулси. Во последните неколку години оваа метода се поинтензивно ја користат спортистите како тренинг алатка, а истата ја наоѓа својата примена при методите за рехабилитација за лица кои имаат нарушувања на мускулните функции.

Електричните импулси се генерираат од уред кој со помош на поврзани електроди поставени на телото стимулираат импулси кои имитираат реакции исто како да доаѓаат од централниот нервен систем, предизвикувајќи мускулна контракција.

SmartMio преставува нов иновативен концепт на ЕМС производ кој неодамна се појави токму на ова поле. Новитетот кај овој производ се состои во тоа што истиот поседува можност за поврзување со смартфон кој работи на Android или iOS платформа, преку Bluetooth комуникацискиот канал, со соодветна апликација, па на тој начин корисниците можат да ги користат различните програми за вежбање кои овој уред ги нуди. Некои од програмите кои SmartMio ги нуди вклучуваат програми за издржливост, сила, загревање и слично.

Самиот уред е направен да биде лесно пренослив и истиот да може да се носи под облеката, додека се извршуваат најразлични секојдневни активности. Неговите димензии се 14 mm дебелина, 60 mm должина и 43 mm широчина, додека неговата тежина изнесува 25 g.

Негативната страна на SmartMio концепт уредот е што неговите електроди не ветуваат долг животен век. Имено, проценките велат дека истите би можеле да понудат околу 30 стимулациони сесии пред да биде потребно да се заменат.

За SmartMio концептот се собираат средства преку Indiegogo платформата за финансирање и веќе се собрани половина од потребните 50.000 долари за комерцијален развој на овој производ. Планот е истиот да се продава по цена од 89 долари, a продажбата да започне во Ноември оваа година.

Претходна статијаТурција ги блокира DNS серверите на Google после блокирањето на Twitter
Следна статијаПретставен новиот HTC One (M8)