Qualcomm за 2023 година најавува чип за PC кој ќе може да им конкурира на сега одличните M1 чипови од Apple. До тогаш сепак компанијата нема да ги остави корисниците со постар и послаб чип, па тие оваа недела ја претставија наредната, поточно третата генерација од нивните чипови наменет за PC компјутерите, односно лаптопите кои работат на Windows, но и на Chrome OS.
Новиот чип беше претставен на Snapdragon Tech Summit, каде беше претставен и најновиот чип за мобилните, Snapdragon 8 Gen 1.
Snapdragon 8cs Gen 3 е името на најновиот чип за компјутерите и од тоа што го најавува Qualcomm, овој чип ќе направи да вреди да се купат лаптоп компјутерите кои работат на ARM.
Веднаш привлекува внимание тврдењето на Qualcomm за подобрувањето на чипот од претходната генерација која беше претставена лани, а не пред повеќе години.
Според Qualcomm, Snapdragon 8cs Gen 3 донесува дури 85% подобрување во перформансите во споредба со претходната генерација, а тоа подобрување е 40% кога се пресметуваат перформансите само на едно јадро.
Подобрувањата кај графичкиот процесор се исто така одлични, па Gen 3 чипот со новиот Adreno графички процесор донесуваат подобрување од 60% во споредба со претходната генерација.

Од компанијата исто така најавуваат големо подобрување во заштедата на енергија и истакнуваат дека лаптоп компјутерите ќе можат да функционираат до 25 часа на едно полнење, а тоа сепак ќе зависи од конфигурацијата и од работата на корисникот.
Snapdragon 8cx Gen 3 е и првиот чип за PC кој е изработен со 5nm технологија, а од тоа произлегуваат и одличните тврдења за перформансите и заштедата на енергија.
Новиот чип ќе овозможи и подобрување кај вештачката интелигенција, а со тоа и во перформансите за време на видео конференциите. Има подобрување и кај безбедноста, а секако и кај можноста за поврзување со 5G мрежите.
Колку овој нов чип ќе придонесе кон повеќе лаптопи на пазарот кои работат на ARM, ќе видиме, а Apple немаше проблем веднаш да ги направи популарни своите вакви лаптопи. Во случајот со Windows, останува и одговорноста на Microsoft да овозможи доволно поддршка, апликации, како и емулатор со добри перформанси за апликациите кои не се прилагодени да функционираат на ARM чиповите.