Tobii е шведска компанија која што е специјализирана во развојот на технологија за следење на движењата на очите на корисниците. Оваа технологија наоѓа примена во повеќе области, како на пример во контролата на компјутери за која што веќе пишувавме.
Tobii Gasses 2 се втора генерација на очила од оваа компанија кои што воведуваат одредени унапредувања на работата добиени со искуството од првата верзија и другите производи. За разлика од поголемиот број на производи за кои што пишуваме, а и се претставуваат во јавноста, кои што се наменети за крајниот потрошувач, Tobii 2 очилата се наменети за компаниите и институциите. Поточно, тие служат за истражување на производи, следење на погледите на спортистите, на спортските возачи и слично. Маркетинг компаниите може да добијат многу корисни информации кога прават истражување за одредени производи преку следење на тоа што го гледаат купувачите во супермаркетите, на пример.
Tobii 2 очилата доаѓаат со 4 камери кои што ги следат движењата на очите, па преку посебен софтвер истото може да се следи, како и да се прегледува по снимањето. На предната страна поставена е и камера која што снима со Full HD резолуција, која што овозможува следење на корисникот во вистинско време, па во комбинација со следењето на очите, информациите кои што ќе се добијат се навистина уникатни и корисни.
Tobii Glasses 2 се очекува да бидат достапни на пазарот од Октомври оваа година и ќе се продаваат по цена од 15.000 до 30.000 долари, како и додатен софтвер за анализа на податоците. Цената можеби изгледа висока, меѓутоа со оглед на тоа што очилата не се наменети за обичниот корисник, цената може лесно да биде оправдана за компаниите кои што навистина би имале корист од ваков производ.