Во денешно време скоро и да нема уред или предмет кој што не е вклучен во категоријата на паметни уреди и со тоа да извршува нешто повеќе функции од стандардните на кои што сме научени. Исто така во време кога многу луѓе имаат проблеми со тежината, а и со информациите достапни, следењето на стилот на живот, преку следење на навиките на исхрана е нешто што многу луѓе го прават на еден или други начин. Тука во главно мислиме на големиот број на достапни апликации во кои што може да се внесуваат информациите за дневниот внес на храна, како и физичките активности, по што се добива преглед на дневните навики.
Она што е карактеристично за повеќето фитнес апликации и уреди поврзани со исхраната е тоа што тие бараат од корисниците мануелно да ги внесат потребните информации, односно колку од одредена храна имаат изедено и слично. Потоа апликацијата од својата дата база на достапни јадења го пресметува и делот кој што се однесува на хранливите состојки.
Vessyl е чаша направена од пластика и која што собира околу 370 грама и која што може да ви каже точно кој пијалак го пиете, како и детални информации за тоа колку шеќери, масти, јаглени хидрати, протеини, калории и слично содржи пијалакот. Ова го прави преку вградени сензори кои што според производителот прави анализа на пијалаците на молекуларно ниво. Точноста на препознавање на пијалаците на чашата оди до таму што е способна да направи разлика и помеѓу навистина слични пијалаци, како што се Coca – Cola и Pepsi. Пијалаците кои што може да ги препознае се повеќе, односно може да препознае кафе, сокови, пиво, вино, вода и слично.
На едната страна од чашата поставен е LCD екран кој што со нејзино навалување прикажува кратка информација за пијалакот, како и нивото на хидратација кое што го нарекуваат Pryme линија. Меѓутоа главната работа чашата ја извршува поврзувајќи се со апликација која што е достапна за Android и iOS уредите. По само неколку секунди од ставање на течноста во чашата истата праќа информација до апликацијата за тоа што е пијалакот кој што е ставен, како и информациите за калоричноста, шеќерите и слично. Преку апликацијата можете да ги следите вашите дневни навики, а исто така можете и рачно да внесувате информации, затоа што сепак не можете секаде и секогаш со вас да ја носите оваа чаша.
Vessyl работи на батерии кои што според производителот треба да се полнат во просек еднаш неделно. Полначот е во форма на подметнувач на кој што се поставува чашата. Моментално може да се направи нарачка за 100 долари, по што кога ќе почне да се продава некаде на почетокот на идната година да се продава по цена 200 долари.