DriftBulbOp

Ова не е првата паметна сијалица за која што имаме пишувано, меѓутоа таа дефинитивно е уникатна и се разликува од останатите вакви производи. Drift Light сијалицата не е направена да се поврзува со вашите мобилни уреди и да ја контролирате кога не сте дома или кога едноставно не ви се станува од местото каде што седите или лежите. Оваа сијалица е прилично едноставна и во поголемиот дел од денот се користи како и секоја друга сијалица која што ја имате дома, не се поврзува со интернет или некој од вашите уреди.

Направена е од пластика, со што е поотпорна од кршење од обично стаклените сијалици. Работи со LED сијалички и вграден микропроцесор кој што треба да ги извршува неколкуте едноставни функции. Приклучокот е стандарден, па може да се приклучи на било кое место во вашиот дом.

Функциите и намената на оваа сијалица доаѓаат до израз во вечерните часови, кога и треба да ви помогне да заспиете, барем така се надева производителот. Drift Light е направена да работи во три режима. Првиот е користење на сијалицата како стандардна сијалица и по потреба да ја вклучувате и исклучувате. Сијалицата емитува светлина од 530 лумени. Вториот и третиот режим се направени за користење во вечерните часови кога треба да ви го олесни заспивањето.

hotel in historic palace, interior, view bedroom

Вториот режим е наречен Midnight, односно полноќ. Режимот се вклучува со исклучување и вклучување на сијалицата два пати едно по друго. Сијалицата тогаш ќе трепне еднаш, со што означува дека полноќниот режим е вклучен. Во овој режим сијалицата започнува целосно вклучена, по што во наредните 37 минути се намалува целосно и се исклучува. Според производителот ова е отприлика времето кое што изминува при заоѓање на сонцето, па сијалицата треба да го симулира тоа и да го мотивира организмот да заспие.

Третиот режим е наречен Moonlight, односно месечева светлина. Режимот се вклучува со исклучување и вклучување на сијалицата три пати, по што активирањето е сигнализирано со две трепкања. Овој режим исто така започнува со целосна вклученост на сијалицата, но по истекувањето на 37 минути, таа не се исклучува целосно, туку останува да свети со што може да се користи во случаи кога не сакате целосно да ја исклучите светлината во вашата соба. Ова е погодно за користење во соба каде што спијат деца, па не сакаат да останат во целосно затемнета соба.

Drift Light чини 29 долари и може да се нарача преку интернет.

Претходна статијаLG ќе претстави три нови таблет компјутери
Следна статијаКористењето на Microsoft производите е поевтино од open source, вели претставник на британска општина
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.