Вест која изгледа веќе не треба да биде изненадување, Apple остана без уште еден од нивните директори, сега повторно во секторот задолжен за дизајн.
Алан Дај не само што си заминува од компанијата, тој се префрла во Meta, кои изминатиот период се познати по „крадењето“ на вработени од други компании. Во Meta според информациите, Дај ќе биде задолжен за дизајн во ново креиран сектор каде ќе се работи на дизајн на нов хардвер, софтвер и интеграција на вештачката интелигенција.
Кога ќе се земе во предвид дека Алан Дај стои зад поголемите дизајн промени изминатите години, а посебно на корисничкиот интерфејс на Apple Vision Pro, јасно е зошто од Meta се решаваат да го „земат“.
Ова е второ поголемо заминување од можеби најважниот сектор во Apple, дизајнот на производите и софтверот. Во 2019 година од компанијата си замина легендарниот Џони Ајв кој основа сопствена дизајн компанија, а сега е познат по здржувањето со OpenAI во креирањето на нов и сѐ уште таен ВИ производ.
Алан Дај е дел од Apple од 2006 година, а од 2015 е главен на екипата која работи на дизајн на корисничкиот интерфејс. Тој со заминувањето на Џони Ајв ја добива главната позиција во компанијата кога е во прашање дизајнот.
Според информациите, неговата позиција ќе биде пополнета со Стивен Лемеј, па ќе видиме дали ќе се забележи заминувањето на Дај.
Информацијата за Лемеј ја потврдуваат од страна на Apple за Bloomberg, директно преку изјава од Тим Кук.
„Стив Лемеј одигра клучна улога во дизајнот на секој поголем интерфејс на Apple од 1999 година“, изјави извршниот директор Тим Кук. „Тој отсекогаш поставувал извонредно висока граница за извонредност и ја отелотворува културата на соработка и креативност на Apple.“
Оваа недела веќе можевме да прочитаме за заминување на уште еден директор од компанијата, па идната пролет ќе се пензионира Џон Џианандреа, човекот кој стои зад развојот на Apple Intelligence.








































