Откажувањето на Windows Phone, поточно Windows 10 Mobile во поновите верзии, го означи откажувањето на Microsoft од овој пазар после години недоволно ангажирање околу овој дел од бизнисот.
Иако мобилниот оперативен систем на Microsoft не можеше да се носи со Android и iOS, тој сепак еден период имаше шанса да успее да го направи токму тоа. Дискусии околу зошто Windows 10 Mobile не успеа има доста, но повеќето се согласуваат дека од компанијата не направија ни приближно доволно за да ги мотивираат програмерите да ги направат своите апликации достапни на овој систем. Дури и самите Microsoft повеќе внимание посветуваа на своите апликации на Android, па што можеше да се очекува од другите.
Во интервју за Business Insider, директорот на Microsoft Сатја Надела се приклучува на претходните двајца директори, Стив Балерм и Бил Гејтс, во заклучокот дека излегувањето од мобилниот бизнис било грешка.
Тој на прашањето „Има ли некој вид на вистинска стратешка грешка или само погрешна одлука за која жалиш од сегашна гледна точка?“, одговара:
„Одлуката за која мислам дека многу луѓе зборуваат – и една од најтешките одлуки што ги донесов кога станав извршен директор – беше нашиот излез од она што ќе го наречам мобилниот телефон како што беше дефинирано тогаш. Во ретроспектива, мислам дека можеше да има начини на кои можевме да го направиме да функционира со можеби повторно измислување на категоријата на функционирање помеѓу компјутерите, таблетите и телефоните.“.
Microsoft може да се каже дека подоцна повторно се обиде на овој пазар со претставувањето на Surface Duo телефонот кој работи на Android, но повторно од компанијата не му посветуваат доволно внимание, па прашање е дали овој уред ќе добие некогаш и трета верзија.
Колку и да имаат добри апликации и сервиси Microsoft, кога тие немаат сопствен мобилен систем, многу потешко е да ги „натераат“ корисниците да ги користат овие нивни апликации. Затоа и важноста да се има сопствен систем е доста голема, а Windows се повеќе ќе губи на популарност со текот на годините.