Во рамки на настанот Christmas Talks, на 22 декември, на Факултетот Хајделберг во Скопје, се одржа панел-дискусијата „AI Bubble or AI Double?“, која ги собра водечките експерти од областа на инвестициите, економијата, технологијата и стратегијата, со цел да се отвори суштинска дебата за тоа дали вештачката интелигенција претставува надуен пазарен балон или почеток на нов долгорочен инвестициски циклус.

Настанот беше модериран од Васко Костов, доктор на науки, претприемач и универзитетски професор, кој уште на самиот почеток ја постави клучната рамка на дискусијата – потребата од аналитички, а не еуфоричен пристап кон AI-инвестициите.

Со воведен говор се обрати професор д-р. Роналд Глајх, кој ги истакна очекувањата на пазарите, можностите и ризиците што ги носи AI, потенцирајќи дека технологијата веќе е суштински дел од секојдневниот и деловниот живот, но и дека е неопходно критичко размислување и предизвикувачка дискусија околу нејзините економски импликации.

Во воведната презентација, Васко Костов направи детална анализа на капиталните инвестиции, ликвидноста и повратот на капитал кај глобалните технолошки гиганти како Гугл, Амазон, Микрософт и Мета, отворајќи ја темата за реалната вредност на AI-инвестициите наспроти пазарниот ентузијазам.

Диме Галапчев, кој работи на создавање на првата целосно автоматизирана канцеларија за малопродажен инвестициски фонд, истакна дека AI не треба да се гледа како најголема индустриска револуција досега, туку како нова алатка во континуирана технолошка еволуција, која овозможува постојната револуција да влезе во нова фаза.

Професорот Крсте Шајноски, доктор на науки, се осврна на самата дилема „AI bubble or AI double“, нагласувајќи дека не постои едноставен и конечен одговор. Тој потсети дека секоја економска и технолошка револуција носи драстични движења на цените на акциите, при што дел од компаниите и инвеститорите ќе преживеат, а дел ќе исчезнат. Клучот, според него, не е во самата технологија, туку во стратегијата, подготвеноста и амбицијата на инвеститорите.

Од перспектива на пазарот на капитал, Лазе Камчев, доктор на науки, извршен директор на НЛБ Фондови АД Скопје, сподели искуство од македонскиот пазар, истакнувајќи дека инвеститорската јавност значително созрева. Тој потенцираше дека инвестирањето на пазарите на капитал е долгорочен процес, кој бара правилен избор на компании со реална додадена вредност.

Андреј Пулејков, магистер, извршен директор во КБ инвест, направи паралела меѓу актуелната AI-динамика и претходните технолошки подеми, нагласувајќи дека влијанието на AI е многу пошироко од самата технологија – од движењата на финансиските пазари до сентиментот на потрошувачите.

Од глобална стратешка перспектива, Марио Михајлов, постар соработник/вршител на должност во Strategy&, магистер по бизнис администрација (MBA HEC Paris and Yale SOM), посочи дека дилемата околу AI не е локална, туку светска. Тој направи споредба на брзината на усвојување на технологиите, нагласувајќи дека ChatGPT достигна 1 милион корисници за само една недела, за разлика од Нетфликс и социјалните мрежи на кои им беа потребни години. Според него, краткорочните движења се неизвесни, но во период од 5 до 10 години, AI претставува потенцијален „супер циклус“, сличен на интернетот и мобилната индустрија, при што клучна ќе биде селективноста – кои компании ќе излезат како победници.

Панелот заклучи дека, иако не може да се даде конечен одговор дали сме сведоци на AI bubble или AI double, едно е сигурно – вештачката интелигенција веќе го редефинира начинот на размислување за инвестициите, ризиците и долгорочните стратегии.

Настанот заврши со интерактивна „Q&A“ сесија и јасна порака: информираното инвестирање, дисциплината и долгорочната визија ќе бидат клучни во AI-ерата што следува.