Фото: Apple

Apple официјално го закажа одржувањето на нивната Worldwide Developers Conference 2026, односно WWDC 2026, за 8 јуни. Конференцијата ќе се одржува онлајн и ќе трае до 12 јуни. 

Како и секоја година, за нас главен е првиот ден, кога се одржуваат презентациите на новите верзии од оперативните системи од компанијата, односно оваа година ќе ги видиме iOS 27, iPadOS 27, macOS 27, tvOS 27 и watchOS 27. 

Според неофицијалните информации, од извори кои најчесто се во право, оваа година не треба да очекуваме многу нови функции кај системите, односно од компанијата работат на средување на кодот, грешките и перформансите. 

Поради тоа, главното внимание од WWDC 2026 ќе биде насочено кон Apple Intelligence, поточно кон новата верзија од Siri која првпат беше најавена пред две години, но конечно изгледа дека сега ќе ја видиме. 

Веќе е официјално потврдено дека новата верзија од Siri ќе функционира со помош на Gemini јазичните модели, па веќе не очекуваме одложувања, а очекуваме доста добри функции. 

Дел од новините на Siri, тие кои беа презентирани во 2024, требаше веќе да ги видиме, но повторно дојде до одложување, па сега се очекуваат до крајот на месецот или април/мај. 

Главната новина, која не беше презентирана е претворањето на Siri во „четбот“, односно донесувањето на ниво на останатите асистенти, секако благодарение на соработката со Google и Gemini моделите. Оваа новина се најавува дека ќе биде дел од iOS 27 и не е дел од повторно одложените новини.

Во основа, Siri ќе треба да стане асистентот кој одамна се очекуваше дека ќе стане, односно ќе може да поврзува информации помеѓу апликациите и сервисите на корисникот, да ги препознава работите на екранот, а и да може да прави разговори со корисникот во стилот на Gemini, ChatGPT и сличните. 

WWDC 2026, како што е практиката изминатите години, ќе се одржува онлајн и ќе може да се следи преку YouTube каналот на Apple, меѓу другото. 

Програмерите и студентите ќе имаат пристап до просториите на Apple каде ќе можат да ги следат презентациите, а потоа да поставуваат прашања, сепак се работи за конференција наменета за програмерите.