IMG_4014

Girls in Tech Macedonia го одржа својот прв официјален настан, GIT OPEN, кој ги претстави активностите на организацијата во изминатиот период како и планираните активности и проекти за следните неколку месеци. На GIT OPEN присутите имаа можност да се запознаат со целите и програмата на организацијата за следниот период.

Од организацијата велат дека планираат и подготвуваат возбудливи настани за следните неколку месeци. Како дел од програмата на Girls in Tech Macedonia беа најавени неколку настани, меѓу кои и Lady Pitch Night, bootcamp, хакатон, конференција, итн. На овој собир беа претставени и Локалните Амбасадорки на Girls in Tech Macedonia од кампањата Local Ambassadors Hunt на која стигнале огромен број апликации. Со тоа беше презентирана и целата мрежа на Girls in Tech низ 13 македонски градови како точки на делување и организирање активности.

Покрај Извршната Директорка на Girls in Tech Macedonia, Јасна Тренгоска, која ја претстави организацијата и фокусот на Извршното Тело, свое поздравно обраќање имаше и г-ѓа Бисерка Конеска, Маркетинг Директор на Seavus, кои заедно со Seavus Education and Development Center беа и генерални спонзори на настанот. Како почесни гости говорници на GIT OPEN ги слушнавме г-ѓа Марија Ферро, Координатор на CISCO Networking Academy при SEDC, како и г-ѓа Мади Шарма, искусна жена претприемач во светски рамки, основач и претседател на MADI Group.

Покрај структурата и програмата на организацијата, GIT OPEN најави и повеќе склучени долгорочни партнерства со наши и странски организации, кои ќе имаат за цел да ја зајакнат соработката и делувањето на организацијата и со тоа да спроведуваат проекти со поголемо општествено влијание. Истовремено од организацијата упатија и покана до сите заинтересирани структури кои би сакале да воспостават соработка со нив.

IMG_3958

Меѓу почесните гости на GIT OPEN се забележаа претставници од ИТ бизнис секторот и високообразовниот сектор, претставници од владиниот и невладиниот сектор како и од различни организации и институции. Бројката на присутни гости ги надмина очекувањата на организацијата и велат дека тоа е добар знак кој говори за интересот кој постои за активностите на Girls in Tech.

Инаку, Girls In Tech е глобална организација со седиште во Сан Франциско, формирана од Adriana Gascoigne во 2007 година и до денес има околу 50 национални гранки низ целиот свет, со членство од над 25 000 жени и девојки од СТЕМ областите. Girls in Tech Macedonia е прва ваква организација на Балканот и се вбројува помеѓу десет во Европа, меѓу кои Франција, Велика Британија, Шпанија, Италија, Луксембург, Холандија, Романија, Полска, a од неодамна и Финска.

Претходна статијаTAG Heuer го презентира „TAG Heuer Connected” часовникот
Следна статијаInbox од Gmail ќе ви подготвува одговори на пораки со Smart Reply