Од 25 до 29 март, комплексот „Борис Трајковски“ ќе претставува центар на дизајнот, иновациите и современото живеење, каде ќе се одржи Саемот на мебел 2026 под слоганот „Инспирација за секој дом“.

Во пет дена посветени на креативноста, функционалноста и трендовите во уредувањето на домот, канцеларискиот простор и јавните ентериери, Саемот повторно ќе ги обедини водечките домашни и регионални производители, дистрибутери и брендови од индустријата за мебел и ентериер.

Посетителите ќе имаат можност на едно место да ги откријат најновите колекции на мебел, модерни решенија за уредување, иновативни материјали, декорации и додатоци кои го трансформираат секој простор во функционална и естетска целина. Од минималистички и скандинавски стил, до луксузни и класични линии – Саемот нуди инспирација за секој вкус и секој дом.

Партнер на Саемот на мебел 2026 е Комерцијална банка АД Скопје, која преку својата поддршка придонесува за унапредување на настани што ја поттикнуваат креативната индустрија, економскиот развој и современото живеење.

Во рамки на годинашното издание ќе биде застапен и сегментот на монтажни и модуларни куќи како иновативно решение во станбените објекти, викенд куќите и современото домување. Првата зона на саемот е посветена на монтажни објекти, тенди и двор и градина, создавајќи уникатен простор за компании кои нудат иновативни решенија за домување, модуларни и префабрикувани куќи, како и за уредување на надворешни простори.

Со очекувани над 15.000 посетители и повеќе од 70 застапени брендови, Саемот претставува одлична можност за компаниите од оваа индустрија да ги претстават своите модели, технологии и концепти пред широка и таргетирана публика, како и да воспостават нови деловни соработки.

Работното време на Саемот е секој ден од 10:00 до 20:00 часот, овозможувајќи им на посетителите доволно време да ги разгледаат изложбените штандови, да се консултираат со експерти и да ги искористат специјалните саемски понуди и попусти.

Секоја купена влезница носи дополнителна вредност – ваучер за гратис кафе од Saccaria, за сите посетители да можат да уживаат во пауза со вкус, во рамки на саемската атмосфера.

Саемот на мебел 2026 уште еднаш ќе ги обедини индустријата, бизнис-заедницата и потрошувачите на едно место, создавајќи простор каде инспирацијата станува дел од секојдневието.