Природата ни претставува постојана инспирација. Од дизајни за летала, качување по ѕидови, одење по вода, искористување на сончевата светлина, акумулација на потенцијална моќ и така натаму, изгледа дека во повеќето „откритија“ кои ги имаме постигнато природата нè има претркано или пак ги имаме „превземено“ од неа.
Најновиот пример е кај LED светилките. Овие светилки сите ги знаеме, а изгледа дека тие ќе бидат иднината на осветлувањето во цивилизацијата бидејќи се многу ефикасни, (скоро) даваат боја по желба и лесно и евтино се произведуваат.
Ефикасноста секогаш може да се подобри, а најдобро е кога ќе се подобри без да мора да се подобрува самата технологија на создавање на светлината. Тоа го постигнале еден тим на научници од корејскиот Напреден институт за наука и технологија. Тие, преку имитирање на „материјалот“ кој инсектите популарно наречени светулки го имаат на себе, успеале да ја зголемат јачината на светлината на LE диодите за дури 60%!

Идејата е прилично едноставна. Светулките имаат интересен материјал кој еволуцијата им го дал, а кој е практично структура (хитин) која има посебно распоредување и со тоа рефракционен индекс близок до воздухот. Ова им овозможува светлината која ја создаваат да биде прилично силна, секако, за нивните потреби.
Научниците одлучиле да ја имитираат оваа структура, па ја изградиле со полимерна смола. Таа е поставена на површината на LE диодата и резултатот е огромно засилување на нејзината сјајност без да се менува ништо во електричните карактеристики.
Покрај за осветлување ова откритие ќе може да се користи за подобрување на карактеристиките на OLED и AMOLED екраните бидејќи (теоретски) посилната светлина значи повеќе нивоа на контраст за екранот. Сепак, ќе треба да почекаме некое време пред производителите да започнат со искористување на технологијата од светулките во екраните.
Засега можеме да очекуваме дека светилките по дома ќе ни станат уште поефикасни и со тоа економични и еколошки.