Некои од нас го доживеале феноменот на лебдечки форми кои се појавуваат кога има силна светлина, и кои ни го „следат“ погледот. Тие лебдат низ окото и колку и да се обидуваме да ги видиме директно, тоа е невозможно. Сепак, тие безгрижно патуваат лево-десно и најчесто се интересни како феномен.
Според научниците, овие лебдачки објекти се сенки од (најчесто) белковини кои се собрале на купче. Имено, нашето око е полно со проѕирна течност налик гел (што се нарекува „стаклено тело“) која врши повеќе функции. Таа ја одржува сферичната форма на окото, ги прекршува и пренесува светлосните зраци до мрежницата, и врши функција на одржување на внатрешнината на окото.
Понекогаш, во стакленото тело може да навлезат најразлични објекти како крвни клетки или белковини кои не би требало да бидат таму (неговиот состав е 98-99% вода), но најчесто не штетат. Ако тие се доволно големи, кога има доволно силна светлина однадвор тие фрлаат сенка која ние ја гледаме на мрежницата.
Ако се работи за крвни клетки тие често биваат апсорбирани од крвните садови и исчезнуваат од видикот. Од друга страна, ако се работи за збир на белковини тие многу често можат да останат до крајот на животот и да си поигруваат со вашиот вид. Понекогаш се случува да имате бактериска инфекција внатре во окото, па да се создадат илјадници такви минијатурни објекти кои ги гледате, што ќе значи дека ќе треба да се подвргнете на противбактериски третман кај некој офталмолог.
Се надеваме дека ви решивме уште една мистерија на вашето тело кое ве „прогонувала“ досега.
Извор: IFLScience, Wikipedia, HealthLine.com