beebrainsimu

Мозокот на пчелите е неверојатно парче „технологија“. Со само 960 илјади неврони (во споредба со човековите околу 20 милијарди) пчелите успеваат да изведат еден куп сложени задачи, како навигирање низ 3Д простор во лет, собирање полен, пронаоѓање цвеќиња, означување непријатели, напаѓање непријатели, одбрана од други инсекти, „танц“ за известување на другите пчели за извори на храна…

Ваквата способност научниците секако помислиле да ја употребат за други цели, па одлучија да сместат симулација на мозок на пчела да управува автономно летало и да видат што ќе се случи. Истражувачите од The Green Brain Project на симулираниот мозок од пчела му вградиле исто така рудиментиран мирисен и визуелен систем за да може пчелата да ги координира своите движења во однос на надворешните сигнали.

https://www.youtube.com/watch?v=_pdVMjOx_cI

Иако едниот истражувач кажува во видеото дека ова е прв пат целосно да се симулира мозокот на некој организам, тоа не е точно – пред некое време пишувавме за симулацијата на мозокот на C. elegans и неговот сместување во роботско возило, кое за волја на вистината не беше баш најспретно во навигација во просторот. Како и да е, симулацијата на пчелин мозок е далеку посложен проект и како што ќе можете да видите подоле, работи интересно. Нема да можете да ги избегнете размислите дека автономниот квадрикоптер кој е прикажан на долното видео е пчела која лета и размислува што да прави со вас т.е. камерманот. Тоа во исто време е навистина интересно и језиво за гледање.

Останува да видиме до каде ќе стигнат истражувачите со симулација на животински мозоци и дали ќе успеат да ги направат целосно функционални за да можат да се употребат во вакви беспилотни летала, па дури и како помош за пилотите во регуларните авионски летови. Како што изгледот и функционалноста на авионите беше инспирирана од природата, односно, птиците, така и управувањето на разни летачки објекти ќе може да се оствари инспирирано од пчелите. Секако дека еволуцијата има уште многу трикови да не` научи за функционирањето и експлоатирањето на светот.

Извор: Techxplore, IFLScience

Претходна статијаPanasonic MX4 е ултра цврст таблет/лаптоп за професионалците
Следна статијаКако да бидете најефективни на вашето работно место