
SARS-CoV-2 вирусот, односно повеќе познат по заболувањето кое го предизвикува, COVID-19, веќе е доволно проширен и продолжува да се шири за да Светската Здравствена Организација прогласи пандемија. Мерките за спречување на ширењето се зајакнуваат, но сепак на крајот се размислува и за тоа кога ќе биде развиена вакцината која сите ја чекаме.
За развојот на вакцината потребно е анализирање на огромен број на информации во различни комбинации за кои би требало месеци, ако не и повеќе.
За оваа цел IBM го стави на располагање нивниот Summit суперкомпјутер, кој е и најбрзиот суперкомпјутер во светот, со цел да се помогне во разбирањето на овој вирус. Овој компјутер се наоѓа во Националната Лабораторија во Оук Риџ на Министерството за енергетика на САД.
Истражувачите ќе може да ја користат моќта на овој компјутер со цел да ги забрзаат своите истражувања кои на крајот се надеваме дека ќе резултираат со вакцина. Веќе се добиваат одредени анализи за само неколку дена, нешто за кое со другите компјутери би се чекало многу повеќе.
Конкретно се работи на анализа на повеќе од 8.000 соединенија кои треба да имаат влијание на главниот протеин во вирусот со што би се спречила неговата можност да ги зарази клетките на човекот.
На развој на вакцина работат повеќе институции во светот, а сега за сега нема најави дека е дојдено до поголем напредок во развојот на истата.