
Мислиме на крајот кој би настанал за неколку милијарди години. Изгледа дека Млечниот пат е на патот кон распадот и бавната, тешка смрт кон која итаат многу галаксии во моментов (и на крајот сите). Имено, според анализи на астрофизичари потпомогнати од граѓани-учесници во проектот за анализа на животот на галаксиите, се дојде до интересни информации околу нивниот развиток и животен пат.
Животот на галаксиите
Галаксиите се огромни вселенски зданија чиј главен ангажман во вселенската фабрика е да „горат“ водород и хелиум, притоа претворајќи го во потешки елементи. Во овој процес од големото количество на резерви на овие гасови тие создаваат нови ѕвезди. Младите галаксии се наоѓаат во фаза на генерално создавање на нови ѕвезди. Поради тоа нивните зрачења имаат пократка бранова должина, па се класифицирани како „сини“ галаксии.
Од друга страна ако се потроши резервата на водород и хелиум или одеднаш престане да доаѓа, тогаш галаксиите почнуваат да забавуваат со создавање на нови ѕвезди. Од тој момент се смета дека тие започнуваат да „умираат“ (да стануваат „зомби“), зголемувајќи ја брановата должина на зрачењата и станувајќи „црвени“. Со тоа што нивното „умирање“ трае милијарди години, сосема доволно време да напишат мемоари.

На пример, нашата остарена сосетка Андромеда е во таков процес и веќе црвенее. Потрошувајќи ги резервите на гориво, таа пред неколку милијарди години започнала да старее (сега веројатно веќе да навлегува во менопауза).
Околу Млечниот пат
Што е пак со нашата галаксија, Млечниот пат (Кумовата слама)? За нас научниците не се баш сигурни што точно се случува, делумно поради тоа што ние се наоѓаме во неа, па потешко ни е да ја анализираме од далечина како другите галаксии. Според некои наоди и Млечниот пат е на пат кон зомбификација. Од друга страна, други интересни наоѓања укажуваат на еден облак од водород (и други елементи) наречен Смитовиот облак кој пред колу 70 милиони години излегол од нашата галаксија.
Причината не е позната (можеби во галактичката политика имало некоја силна караница која резултирала во раскинување на врската меѓу него и галаксијата). Како и да е, тој во моментов почнува повторно да се движи кон галаксијата и тоа брзина од со 1.120.000 километри на час.

Кој би бил резултатот од неговото доближување? За почеток, Млечниот пат ќе може да почне повторно со процес на создавање на нови ѕвезди, и ќе го забави или сопре стареењето. Како и да е, нашата галаксија сега е во процес на стареење и распад и крајот се ближи, а Смитовиот облак може тоа само привремено да го одложи, за неколку милиони години.
Тешко е да се проголта таквото сознание за нашата судбина. Затоа пробајте со малку стоицизам: ако можете да ја промените ситуацијата, променете ја; ако не, прифатете ја.
Што значи, почнете со подготовките за судниот ден уште од сега, за да не ве фати неспремни.
Во меѓувреме, можете да помогнете на астрофизичарите со тоа што ќе се фатите со класифицирање на милијарди фотографирани галаксии преку страницата Galaxy Zoo. Веројатно е малку попаметно него да вртите по Facebook ѕидот по цел ден осеќајќи се како ѕвезда.
Дополнителни информации: IFLScience, CNet, Notre Dame News