Изминатиов период дел од тимот на Смартпортал имаше прилика да го посети еден од најголемите научни центри во Европа – CERN. Всушност, станува збор за Европска Организација за Нуклеарно Истражување, каде се наоѓа најголемиот центар за проучување на елементарни честици. Кој го интересира физика, знае ?. Има многу интересни работи кои може тука да се видат, но ќе гледам да ги издвојам поважните моменти и слики кои се карактеристични за местото и кои дефинитивно мора да ги посетите, доколку некогаш имате прилика да отидете таму.
Ајде прво основите: CERN се наоѓа во две држави – Франција и Швајцарија. Центарот е всушност како мало гратче: има улици, згради, своја амбуланта и пожарникарска служба, за подобра организација и координација на работата. Инсајдерска информација: тука не може да најдете евтини коли ?. Како и да е, голем дел од вработените практикуваат користење на велосипеди како превозно средство, што е невообичаено за наши простори, но е секојдневна пракса во сите цивилизирани земји.

CERN е препознатлив по неколку работи, но првата работа која сакам да ја споменам е дека ова е местото каде се роди WWW (World Wide Web). Вебот го измисли британскиот научник Tim Berners-Lee, во 1989 година, додека работел во центарот и првично бил наменет за интерна употреба. Интересен момент е тоа што тој не го патентираше неговиот изум. Тоа е затоа што тој одлучил дека вебот треба да биде бесплатен и достапен за сите и впрочем, токму ова е клучниот фактор за неговото популаризирање. Тој сметал дека доколку би се наплаќал, не би се раширил толку многу и веројатно би бил заменет со некоја друга, бесплатна алтернатива. На сликата лево може да ја видите мини плочата во негова чест, а на десната слика е неговиот ходник: во некоја од собите била неговата канцеларија. Кога ќе размисли човек, просто неверојатно колку постигнавме во ИТ светот за само три децении.

Втората работа по која е препознатлив CERN е акцелераторот за судирање честички – Големиот Хадронски Колајдер (LHC). Тој е најголемиот кружен акцелератор за оваа намена на светот и бил изграден во соработка 10.000 научници и инженери од преку 100 земји. Тој има периметар од 27 километри и се наоѓа 175 метри под земјата. Акцелераторот е местото каде што експериментално е потврдено постоењето на Хигсовата честичка (Higgs Bosson), попозната уште и како Божја честичка. Таа го објаснува постоењето на маса на материјата, нешто што со години беше мистерија и цел на експериментите кои се одвиваа во научниот центар. Со ова откритие сме чекор поблиску до осознавање на настанокот на универзумот, што всушност е и главната мисија на CERN. Покрај ова, се вршат и истражувања за антиматерија, суперсиметрија и темната материја.

Се надевавме дека ќе имаме прилика да го посетиме LHC во живо, меѓутоа не’ информираа дека нема симнување во акцелераторот додека работи. Tоа е можно само за време на зимскиот shutdown кога прават “генералка” и менуваат делови кои биле оштетени за време на претходната година.

Дел од CERN е и музејот на науката и иновацијата, двата клучни аспекти кои го опишуваат научниот центар. Музејот е попознат под називот “Globe”. Кога ќе влезете внатре, имате нешто налик на планетариум, каде секоја “планета” содржи информација за нешто што е направено во CERN, со прости објаснувања, за да може секој да разбере за што станува збор, без да има реално појма од наука и особено физика. Имате полузатворени седишта, каде може да си седнете и да преслушате аудио водич за некое од поинтересните истражувања на CERN.


Имавме можност да ѕирнеме и во компјутерскиот центар каде се наоѓаат серверите. Практично, има два такви во CERN, но овој што ќе го видите на сликите е поголемиот.


Што се однесува до вработените, добар дел од нив живеат во околните места во близина на научниот центар или патуваат од Женева. Дел од нив се сместени таму, додека останатите во мини гратчиња или селца ко Saint-Genis-Pouilly, Meyrin и слични. Работата е што реално е скапо да живеете на швајцарската страна, па повеќето ги бираат локациите на страната на Франција. Тие, пак, што живеат во Швајцарија, често доаѓаат да пазарат во Франција, заради значително пониските цени. Инаку Женева е шестиот најскап град за живеење во светот.

Корисна информација за студентите: CERN секоја година нуди можности за летна пракса кај нив. Најбарани се ИТ инженери и физичари, но има и општи програми кои ги опфаќаат останатите струки. Досега, неколку мои колеги од ФИНКИ успешно поминале низ нивната програма како ИТ инженери. Како и да е, не е баш лесно да се влезе таму, мора да бидете навистина добар студент и да им оставите впечаток.
На апликантите воглавно им се доделуваат проекти во времетраење од 8 недели. Нема да добиете нешто којзнае што, бидејќи 8 недели е малку време за летен студент да добие навистина голема и одговорна улога. Воглавно се работи на веб или мобилни апликации за потребите на центарот. Можеби тоа не се разликува многу од она што секоја ИТ фирма може да ви го понуди ко пракса, но бенефициите од тоа што ќе можете да напишете во CV дека сте работеле во CERN (макар и ко практикант), запознавањето на разни луѓе и култури, како и размената на идеи се непроценливи.
Аплицирањето е неколку месеци пред започнување на праксата, така што е навистина важно да внимавате на роковите. Постојат различни програми на кои може да аплицирате, деталите ги имате на нивниот сајт. Покрај работата на проектот кој ви се доделува, редовно се одржуваат и разни предавања и работилници поврзани со нуклеарна физика и ИТ, кои практикантите може да ги посетуваат за време на нивниот престој таму.

И за крај, малку хумор. Додека шетате по кампусот на CERN, може да налетате на неколку вицкасти моменти. На пример, видете ја следната слика. Тука ги чуваат глувците, на сигурно. Повремено им фрлаат морковчиња, чисто за штос ?????


ИИии, наградно прашање: на што помислува Балканец кога ќе види вакво нешто? ??
Еве во што ќе спремам ракија! ???
Би можела уште цел ден да пишувам за сите дополнителни ситници кои може тука да се видат, но мислам дека и ова досега е доволно, за повеќе ќе оставиме некоја следна прилика ⚗✍
Вам што ви привлече најмногу внимание?
Пишете ни во коментар✌