Кој ги разгледувал пирамидите од Египет секако се прашувал како тие луѓе ги пренеле до таму тие масивни повеќетонски блокови преку пустина? Без разлика колку и да имале на располагање робови, такви камења без напредна машинерија (која еѓипјаните ја немале, контра некои теории на заговор) не се пренесуваат само со чиста волја и цврста рака на владеење.
За тие кои не ја чуле веста, оваа мистерија беше решена. Имено, еѓипјаните можеби немале багери и камиони, но го искористиле паметот и измислиле една многу едноставна техника за да си помогнат при пренесување на блоковите. Тие истурале по малку вода на песокот пред блоковите. Поради зголемување на процентот на влажност песокот се врзувал меѓу себе и бил покомпактен, овозможувајќи им да ги лизгаат камењата врз истиот кој сега имал далеку помал отпор.
Верувале или не, цел меѓународен тим на научници се формирал за да ја реши оваа мистерија, предводен од Даниел Бон од Универзитетот од Амстердам. Тие го тестирале влечењето на санка со тежина по сув и влажен песок и утврдиле дека кога песокот е навлажнет, не се формира купче од него пред санката која би го блокирала понатамошното мрдање. Дополнително, самата цврстина на песокот се зголемувала, што овозможувало полесно влечење на тежината.
Според Бон, навлажнувањето на песокот во некои случаи го намалувал отпорот за цели 50%! Сепак, процентот на вода во песокот треба да виде во прецизна рамнотежа и не смее да биде преголем, бидејќи тогаш се нарушуваат капиларните мостови кои се создаваат меѓу зрнцата песок и отпорот повторно почнува да се зголемува. На античката слика од Џехутихотеп се гледа како работник истура вода пред санката за да го предизвика токму овој ефект, но историчарите досега веруваа дека ова било дел од ритуалот на прочистување, не претпоставувајќи дека причината можеби е далеку поедноставна.
Извор: Gizmodo, IFLScience