Фото: AnduinOS

Поради некоја причина која за мене нема доволно логика, одредени Linux дистрибуции се обидуваат да бидат помала или поголема копија на Windows, а најчесто со цел да се обидат да ги привлечат корисниците кои не познаваат ништо друго покрај системот од Microsoft. 

Оваа година можеме да очекуваме повеќе такви или слични ситуации, а во главно поради крајот на поддршката за Windows 10, нешто што сепак на крајот испадна дека ќе се случи дури следната година, а Microsoft овозможи, покрај платена, и бесплатна можност за корисниците да продолжат да добиваат безбедносни надградби. 

Како и да е, следењето на различните Linux дистрибуции е интересна работа и покажува што се е возможно со отвореноста на овој систем. 

AnduinOS е уште една Linux дистрибуција наменета за корисниците на Windows која ќе се обиде да ги привлече со голема сличност со Windows 11 во овој случај. 

Тоа што го издвојува AnduinOS е што зад развојот стои еден човек, Anduin Xue, кој е софтверски инженер во Microsoft. Тој овој систем го прави на основа на Ubuntu, а секој што се разбира доволно би можел да ги направи овие промени, но не секој има време и желба. 

AnduinOS е направен на основа на Ubuntu, а исто како и овој систем, десктоп околината е GNOME. Промените кои се направени на корисничкиот интерфејс се со помош на поддршката за екстензии, а сличноста е направена до степен што на прв поглед системот личи на Windows 11. 

Поставеноста на десктоп околината е направена со акцент на долната лента која е скоро иста како на Windows 11. Тука е централната поставеност на „менито“ кое изгледа доста слично со Старт менито, а тука е и временската прогноза на левата страна, но без „виџети“, како и сличните икони на десната страна од лентата. 

„Копирањето“ на Windows 11 сепак не оди предалеку, па корисниците во остатокот од корисничкиот интерфејс ќе забележат лесно дека користат систем кој не е Windows. 

Една предност која ја има AnduinOS врз Ubuntu е што го користи Flatpak системот за апликации кој покрај безбедност, донесува и поддршка и развој од страна на поголема заедница. 

Иако AnduinOS изгледа како одлична алтернатива на Windows, сепак не знам колку е добро да се препорача долгорочно користење на овој систем. Тоа е поради фактот што програмерот кој стои зад развојот е само еден и веќе работи во Microsoft, па не е познато до кога ќе обезбедува поддршка и надградби. 

За тие кои сепак би сакале да го пробаат AnduinOS, системот може да се симне преку официјалната страна тука