Новите функции со генеративна вештачка интелигенција, наречени Apple Intelligence, нема да функционираат кај нешто постарите уреди од компанијата. Очекувано, првата реакција на ваква информација секогаш е дека Apple сакаат да ја зголемат продажбата на своите уреди, ограничувајќи одредени софтверски можности само кај најновите уреди, нешто што досега не беше карактеристично за оваа компанија.
За да можат да ги користат Apple Intelligence функциите, корисниците ќе мора да имаат iPhone 15 Pro или некој од другите уреди од компанијата со М1 чип или понов.
Од компанијата негираат дека нивната цел е да продадат повеќе уреди, односно да ги натераат корисниците со постари уреди да ги купуваат најновите. Според нив, Apple Intelligence може да функционира и на постарите уреди, но тоа би било доста побавно од поновите.
Сепак, според Марк Гурман и неговиот најнов неделен билтен, главната причина за побарувањата за Apple Intelligence е RAM меморијата. Според него, NPU процесорот кај постарите iPhone уреди е скоро ист како кај М1, чип кој е компатибилен со новите функции. Тоа што недостасува е меморијата, а од Apple се познати по одбивањето да го следат трендот на Android и да додадат повеќе RAM кај iPhone.
Apple Intelligence бара 8GB RAM за да може да функционира како што треба, а првите iPhone уреди со оваа карактеристика се ланските iPhone 15 Pro уреди.
Која и да е причината, останува фактот дека корисниците кои имаат телефони од Apple кои се постари од ланските Pro модели ќе мора да купат понов за да можат да ги пробаат новите ВИ функции.