Со најновата бета верзија од iOS, поточно iOS 16.4, Apple го менува начинот на којшто ќе може да се инсталираат бета верзиите наменети за програмерите. Овие бета верзии стануваат достапни пред јавната бета верзија за сите корисници, а од iOS 17 beta, корисниците кои не се дел од Apple Developer Program, веќе нема да може да ги инсталираат.
Бета верзиите досега се инсталираа со симнување на бета профил, датотека која овозможува да се надгради уредот. Овој бета профил се симнува од страните на Apple со најавување со Apple сметката на корисникот.
Apple Developer Program чини 99 долари годишно, па пристапот до бета верзиите за програмерите е замислен за корисниците на оваа програма. Меѓутоа, со достапност на бета профил датотеката на неофицијални страни, пристап до овие верзии добиваат и корисници кои не се дел од програмата, односно не ја плаќаат годишната претплата.
Во iOS 16.4 beta достапно е ново мени во Software Update делот наречено Beta Updates. Ова мени ќе им биде достапно само на корисниците кои се најавени на уредот со сметка од Apple Developer Program и ќе биде единствениот начин да се инсталира бета верзија. Тоа значи дека веќе нема да има симнување на датотеки кои може да се најдат на неофицијални страни.

Инсталирањето на бета верзиите за сите корисници, со оглед на тоа дека веќе е бесплатно и достапно за сите, нема да биде засегнато од овие промени.
Првата бета верзија за програмерите од iOS 17 се очекува во јуни после WWDC конференцијата, а јавната бета за сите корисници некаде во јули.