Покрај тоа што Windows 11 добива по неколку надградби во текот на годината, со нови функции, сепак Microsoft ја задржува практиката на пуштање една поголема надградба во есен. Ова може да се каже дека е во рамките на пуштањето на нова верзија секоја година од страна на конкурентите, па и Windows 11 ја менува својата основна верзија.
Сепак, кодот на моменталната верзија од Windows 11 и тој кој ќе биде дел од есенската поголема надградба, се исти, па корисниците можат да очекуваат доста брза надградба на нивниот компјутер, секако доколку веќе ја имаат инсталирано 22H2 верзијата.
Microsoft овие надградби ги нарекува „пакети за вклучување“, односно новите функции веќе се дел од Windows 11, па Microsoft само со мала надградба ги дополнува и активира.
Ова е практика која се користи уште од Windows 10, па за корисниците кои ги следат ваквите новости, ова не е толку ново.
Покрај брзината на инсталација, оваа надградба не може да предизвика проблеми со компатибилност со апликациите на корисниците, со оглед на тоа што се работи за истата основа на кодот со сегашната верзија.
Microsoft препорачува корисниците кои уште го немаат направено тоа да почнат со инсталација на ланската надградба, па до есен би биле подготвени за инсталација на годинешната.
Инаку, една од поголемите новини кои ќе бидат дел од Windows 11 23H2 се Windows Copilot, а тука се и новини како новиот File Explorer, вградена поддршка за „rar“ датотеките и повеќе.