a gaming computer set up
Фото: Ron Lach на Pexels.com

Иако ги има со години, критиките кон Windows може да се каже дека се нешто почести и поголеми изминатиот период. Објаснувањето за ова е доста едноставно, а може да се сумира на кратко во форсирањето на вештачката интелигенција од страна на Microsoft, а во исто време запоставувањето на перформансите и функциите на Windows 11 генерално. 

На ова треба да се додадат и новите хардверски барања за користење на Windows 11, нешто што ги тера корисниците да мора да купат нов компјутер, а тоа е уште повеќе истакнато со Copilot+ компјутерите кои мораат да ги имаат најновите чипови со „неврален процесор“. 

Крајот на поддршката на Windows 10, а и работата која ја прави Valve, направија Linux конечно да „мрдне“ од својата позиција, па не треба да не чуди ако во годините што следат овој систем, со доста дистрибуции, стане доста посериозен играч кога се во прашање обичните корисници. 

На критиките за Windows се приклучува и старо-новиот сопственик на познатите GOG, Микал Кочински, заедно со директорот на компанијата Мачеј Голебиевски. 

Во коментари за PCGamer, Кочински истакнува дека Windows „е софтвер и производ со доста низок квалитет“ и „е изненаден што има поминато толку многу години на пазарот“. 

Тој истакнува дека сега е корисник на macOS, но од време на време ги „поправа“ компјутерите на неговите родители со Windows, па не се чуди што луѓето почнуваат да „гравитираат“ околу другите екосистеми. 

Голебиевски не навлегува во директна критика на Windows како Кочински, но затоа истакнува дека оваа година тие планираат да посветат поголемо внимание на Linux, ништо конкретно засега, но ќе го следат развојот на настаните.