Nexus уредите веќе се едни од најпознатите Android уреди на пазарот, а тоа посебно важи за корисниците кои сакаат уред со „чисто“ искуство на платформата, односно без додатоците кои ги прават останатите производители на уреди.
Тоа значи дека Android оперативниот систем на Nexus уредите е онаа верзија која е развивана од страна на Google, што значи тоа е она оригиналното искуство замислено од програмерите на платформата.
Ова беше посебно популарно до пред одреден период кога другите производители правеа многу поголеми промени на Android, што доведуваше и до намалување на перформансите на уредот. Меѓутоа популарноста на Nexus уредите и критиките од корисниците направија да и производителите ги намалат промените, па нивните верзии веќе се многу подобри за користење.
Ова може да се каже дека ги доведе Nexus уредите во полоша позиција, поради значително подобреното искуство кај другите уреди, кои сепак ги задржаа дополнителните функции кои не се достапни во основната Android верзија.
Сундар Пичаи, директорот на Google, на познатата Code Conference како одговор на прашање најави дека верзиите на Android коишто ќе бидат дел од новите Nexus уреди ќе доаѓаат со повеќе нови функции.
Тоа би требало да ги направи многу поконкурентни, нешто што не е баш случајот изминатата година и нешто.
Исто така, тој најави дека тие ќе имаат повеќе мислења за тоа како треба да бидат дизајнирани уредите, односно ќе преземат поголема контрола, иако нема да почнат самите да ги произведуваат.
Ова е добра вест за Nexus уредите кои сепак изгубија дел од нивната привлечност од првите модели. Веќе можеме да видиме дека новата Android верзија ќе има вградена можност за вклучување на две апликации една до друга, а ќе следуваат и други функции досега недостапни во оперативниот систем, а додавани од другите производители.
Извор: Engadget