Google Settings, односно Google делот во Settings кај сите Android телефони ќе добие мал редизајн, односно мала реорганизација. Оваа промена, која моментално се тестира кај мал број на корисници, се гледа дека е тука за подобрување на функционалноста на апликацијата, односно брз и лесен пристап до прилагодувањата кои корисникот најчесто ги користи.
Наместо овој дел да биде една листа со прилагодувања, како што е сега, Google ќе го подели во две ленти од кои првата е нова и е наречена „препорачани“.
Во овој дел прилагодувањата ќе бидат прикажани во форма на картички, карактеристични за Material дизајнот, а со тоа тие ќе прикажуваат и информации.
Од примерот кој се гледа на X објавата подолу, корисниците ќе имаат пристап до нивниот простор во облакот, функцијата за пронаоѓање на уредите, менаџерот на лозинки и слично.
Претпоставката е дека овој дел ќе изгледа различно зависно од сервисите кои ги користи корисникот и прилагодувањата кои најчесто ги менува.
Надградбата на овој дел ќе дојде преку Google Play Services, што значи дека корисниците нема да треба да чекаат надградба на целиот систем.
Што се однесува до тоа кога може да се очекува оваа надградба, тоа не е познато, а можно е да дојде со пуштањето на Android 14 наредните месец дена.