Новите Apple Intelligence функции ќе бидат достапни за уредите од компанијата кои имаат одредени чипови, односно за A17 Pro и M серијата, но не и за постарите уреди. Поради ова очекувавме дека вистинската моќ на новата функција ќе ја видиме дури со iPhone 16 Pro уредите и новите чипови, но изгледа дека и ланскиот чип има што уште да „покаже“.
Тест направен од страна на еден корисник со апликацијата Geekbench, поточно тестот за NPU – Neural processing unit делот од чипот, покажува колку оптимизацијата на софтверот може да направи разлика.
Според прикажаните резултати, истиот iPhone 15 Pro Max има огромна разлика при тестирање со моменталната верзија од iOS, 17.5.1 и со iOS 18, систем кој се’ уште до првата бета верзија за програмерите.
Резултатот кој е објавен на X покажува 6249 кога е направен на iOS 17, а истиот телефон надграден на iOS 18 има резултат од 7816.
Штета што не се објавени тестови и за процесорот да се види дали iOS 18 донесува подобрувања и кај „нормалното“ функционирање на iPhone, нешто што секако треба да биде случајот, само ме интересира до кој степен.