Наредната верзија од iOS и iPadOS, поточно седумнаесетта верзија од системите, донесува новина која треба да го заштити видот, а посебно тој на децата, кога се’ уште е рано за одредени оштетувања.
Новата функција е наречена Screen Distance и како што кажува самото име, уредот ќе ги предупредува корисниците кога подолг период го држат блиску до очите. Како блиску ќе се сметаат 30 сантиметри, а за проценката ќе се користи камерата која се користи од страна на FaceID системот.
Од Apple како главна цел за воведувањето на оваа функција го истакнуваат намалувањето на шансите за предизвикување на миопија, односно кратковидост, нешто што може да биде предизвикано од неправилно користење на уредите.
Доколку корисникот го држи уредот блиску до очите подолг период, предупредувањето кое ќе се појави ќе се тргне кога уредот ќе биде доволно оддалечен.
Оваа можност ќе може да се вклучува и исклучува преку Settings, односно нема да биде оставена да им додева на сите корисници.
iOS 17 и iPadOS 17 беа претставени на WWDC 2023 настанот на почетокот од месецот, а како и обично, корисниците можат да ги очекуваат финалните верзии во есен, најчесто при крајот на септември.